Со мурали, разубавени ходниците во ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија
Учениците од ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија,
членови на Ликовната секција, заедно со нивниот ментор, наставничката по Ликовно образование, Адриана Манчева, го разубавуваат внатрешниот простор на Училиштето со мурали. Веќе подолг период, низ ходниците на Училиштето се работи со бои и разни материјали за декорација на ѕидовите. Всушност, пред секоја училница, ѕидовите ги красат мурали, со што- со илустративни елементи е одбележан кабинетот каде се изведува настава по било кој предмет. Taка, од детските раце се исцртуваат: дрвото на животот кое го претставува коренот на македонскиот јазик, ДНК во човекова фигура, хемиски молекули, атоми, елементи, картата на светот, сите особености на англиската и француската култура, спортски силуети и патокази до училниците, но и други цртежи со мотиви кои го одбележуваат детскиот свет, како дрво со отпечатоци од рацете на учениците и други тематски столбови.
За оваа акција, директорката на ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, Ружица Икономова, ќе истакне дека украсувањето со цртежи по ѕидовите, односно мурали, не е новина во ООУ „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија. Повеќе од десет години учениците со своите наставници ги менуваат и освежуваат ѕидовите со нови идеи и креативни цртежи, кои имаат значење за периодот и местото на кое се наоѓаат.
- Има многу талентирани ученици во Училиштето и со задоволство учествуваа во ова дело, кое денес со гордост го покажуваме. Цртањето беше различно распоредено секој ден, поради обврските на сите. Најчесто на часовите по ликовно образование, проекти од ликовна уметност, после часови, на ликовна секција. Учествуваа повеќе од 20 ученици, од шесто до деветто одделение во изминативе два месеци. Се уште има цртежи кои се цртаат или се во фаза на подготовка. Најдолго ја цртаа картата на светот, затоа што не е едноставно да се нацрта цел свет со детските раце, вели Икономова, според која поедноставно и впечатливо е ако визуелно ги доловите, отколку да ги опишувате со зборови.
Освен новите мурали, за кои во дефинирање на нивните конечни верзии учествувале и предметните наставници, се обновуваат и старите мурали кои се безвременски и се дело на наставнците по ликовно образование кои го поминале работниот век во ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија.