Успешно реализирани проектите на АМД „Дичо Панов“ и „Од станица до граница“ во рамки на Првиот повик за учество во ReLOaD 2
Гевгелиските организации АМД „Дичо Панов“ и „Од станица до граница“,
во рамки на Првиот повик на ReLOad 2 Програмата, беа добитници на финансиски средства за реализација на проекти oд корист на граѓаните на општина Гевгелија: „Гевгелија Вело Град“ и „Врснички форум театар против насилство во училиштата“. По успешното имплементирање на проектните активности, двете организации го означија крајот на Проектите со завршни работилници за презентација на сработеното.
АМД „Дичо Панов“ ја одржа завршната работилница на 6 јуни, во Народниот театар- Гевгелија, на која пред многубројните претставници на правниот и граѓанскиот сектор беше даден ретроспективен осврт на планираните и завршени активности во рамки на добиениот Проект „Гевгелија Вело Град“, како: формирањето на „Гевгелија Точак Клуб“, мапирањето и трасирањето на првата велосипедска Оff road патека во месноста Курија, изградбата на полигонот со препреки и полигонот за трчање, како и реализацијата на спортскиот комбиниран натпревар „Гевгелиски Велотлон“, организиран во три дисциплини и тоа возење велосипед по Off road патеката, трчање и совладување препреки. Исто така, на работилницата стана збор и за идната соработка со институциите преку која можат да дадат свој придонес во подигањето на свеста за користење на велосипедите како превозно средство, но и обезбедување услови кои ќе придонесат Гевгелија да биде велосипедски град.
Покрај завршната работилница, во просториите на АМД „Дичо Панов“- Гевгелија, на победниците на првиот „Гевгелиски велотлон“, во просториите на АМД „Дичо Панов“- Гевгелија, им беа врачени паричните награди во висина од 15.000 денари на Даниел Анчев за освоеното прво место, 10.000 денари на Мите Досков за освоеното второ место и 5.000 денари на Влатко Семенаков за освоеното трето место. Исто така, претставниците на АМД „Дичо Панов“- Гевгелија, реализираа и средба со градоначалникот на општина Гевгелија, на која беше извршено примопредавање на велосипедски паркинг-рампи. Имено, АМД „Дичо Панов“- Гевгелија на Општина Гевгелија и отстапи 10 велосипедски паркинг-рампи со вкупен капацитет за 60 велосипеди, кои беа користени за „Гевгелиски велотлон“, а Општина Гевгелија ќе ги инсталира на локации во општината каде има потреба од нив. Притоа, градоначалникот Сарамандов беше информиран и за иницијативата на АМД „Дичо Панов“ за регистрација на Off road патеката како планинска патека, согласно Законот за планински патеки.
Додека, ЗГ „Од станица до граница“ коe го имплементираше Проектот: „Врснички Форум театар“ во соработка со ЗГ „Рубикон“- Скопје ја одржа завршната работилница на 13 јуни, во Угостителската сала на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија. Пред многубројните учесници- ученици, наставници, стручни соработници и директори, како и претставници на општинската администрација, покрај презентацијата на активностите, односно одржаните 98 работилници, изработката на 4 филма за врсничкото насилство, форум театарската претстава и организираниот Литературен и Ликовен конкурс на тема: „Подај ми рака и кога не паѓам“, беше промовиран и филмот „И ангелите заспиваат, нели?“. Исто така, во рамки на завршната работилница, беше поставена и Изложба на наградените цртежи од Ликовниот конкурс, како и прочитани наградените творби на учениците од Литературниот конкурс.
Од страна на организаторот, Тони Аврамов, беше нагласено дека овој е прв проект, во којшто учествуваа сите училишта на подрачјето на општина Гевгелија, односно 1.400 ученици, 245 вработени во образование, како и 10 претставници од институциите кои се надлежни за постапување во случај на врсничко насилство, се со цел препознавање, превенција и зајакната меѓусекторска соработка.
Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (РЕЛОАД 2) e финансирана од Европската Унија, а ја спроведуваат Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Општина Гевгелија, како една од 8. партнер-општини.