Неделна програма за „Гевгелиско културно лето“
„Гевгелиско културно лето“ продолжува
со вториот настан „Фолклорот и традицијата негувани низ времето“, којшто ќе се одржи на платото пред Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 20:00 часот. Преку овој настан ќе се претстават членовите на Литературниот клуб при ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, под менторство на Емилија Старделова, како и Ансамблот „Бојмија“- Гевгелија.
На 7 јули, во рамки на летната културна програма, ќе се чествува со книжевна вечер познатиот гевгелиски и македонски професор и писател Илија Карајанов, по повод 80-годишнината од неговото раѓање. Настанот, во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, ќе се одржи во хотел „Аполонија“, со почеток во 18:00 часот. Овој настан претставува достојно одбележување на творештвото на афирмираниот гевгелиски писател и добитник на бројни награди и признанија за своите збирки на поезија, меѓу кои и Седмоноемвриската награда на Општина Гевгелија.
Првата недела од „Гевгелиско културно лето“, т.е. на 10 јули, ќе заврши со Концерт на добро познато и омилено трио на гевгелиската публика „Трио Џентлмен“, на платото пред Народниот театар во Гевгелија, со почеток во 21:00 часот. Тоа, несомнено, најавува богата и разновидна културна програма во текот на летото, наменета за различни вкусови. Се разбира- со театарски, музички и книжевни настани, но и бројни изненадувања, најавуваат од Домот на културата во Гевгелија, Градската библиотека и Пионерскиот дом.