Центарот за развој на ЈИПР со Проект за отворање Регионален туристички музеј во Гевгелија
Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион
ќе аплицира за отворање Музеј на доживувањата во Гевгелија со Проектот: „ Почуствувај го регионот- Музеј на доживувањата“ на отворениот Јавен повик за предлог- концептни идеи во рамки на InterregИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Македонија 2021-2027. Аплицирањето е во партнерство со Асоцијацијата на Југозападни општини, Благоевград, Р. Бугарија и опфаќа отворање Музеј во Гевгелија, во којшто ќе бидат презентирани туристички понуди, експонати, знаменитости и производи во зависност од желбите и можностите на општините од Југоисточниот Регион, согласно специфичната цел во објавениот повик- развој на туризмот со помош на паметни решенија кои обезбедуваат универзален пристап и учество.
За таа цел, на последната 29. седница, по иницијатива на ЦРЈИПР, Советот на Општина Гевгелија, донесе Одлука за давање на времено користење деловен простор без надомест во рок од 5 години. Согласно Одлуката на Советот, доколку биде одобрен Проектот, Музејот ќе се отвори во старата зграда на РТГ, на Градскиот плоштад.
- Во рамките на овој предлог концепт, се планира да се создаде Mузеј во Гевгелија во веќе постоечка зграда на Oпштината, која ќе биде реконструирана и адаптирана за потребите на музејот. Покрај реконструкцијата, ќе се набави и соодветна опрема и целосен ентериер за објектот, со цел да се добие еден комплетен музеј за сетилата, нов туристички производ и комплетно нова идеја во нашиот регион, нашата држава и пошироко. Планирано е да се направи и мал дел за дегустација каде при одржување на некои настани или презентации, општините, организациите и компаниите од регионот ќе може да ги презентираат своите проекти и производи, истакна директорот на ЦРЈИПР, Ѓоко Камчев, во образложението пред членовите на Советот на Општина Гевгелија.