Уште 17 слободни места за добивање субвенции за набавка на велосипед
По објавувањето на Јавниот конкурс за субвенционирање
на граѓаните од општина Гевгелија за купување велосипеди во 2023 година, заклучно со 25 јули 2023 година, пристигнале вкупно 82 апликации. До пополнување на бројот, согласно Одлуката на Советот на Општина Гевгелија за доделување субвенции во висина по 5.000 денари во бруто износ на 100 граѓани за купување велосипеди, остануваат уште 17 слободни места.
Аплицирањето ќе трае се до исцрпување на средствата предвидени за оваа намена, а можат да аплицираат граѓани на општина Гевгелија, освен минатогодишни добитници, вработени во општинската администрација и членовите на Советот на Општина Гевгелија (и членови на нивното потесно семејство), исполнувајќи ги следниве критериуми: да е полнолетен жител на општина Гевгелија, да му е подмирен данокот на имот за станбениот објект во кој живее и во домаќинството да нема друг член што поднел барање за добивање на ваков вид субвенција.
Потребната документација се состои од: барање, изјава за давање согласност за користење лични податоци, копија од важечка лична карта или важечка патна исправа, копија од трансакциска сметка, уверение издадено од Одделението за локални даноци и такси во Општина Гевгелија за платен данок на имот и фискална сметка за купен велосипед од трговци кои обавуваат дејност на подрачјето на општина Гевгелија во периодот од 1 април 2023 година се до моментот на исцрпување на средствата. Барањата со потребната документација се доставуваат во просториите на Општина Гевгелија, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот.
Апликациите се разгледуваат по редослед според датумот и времето на пристигнувањето, односно по принципот „прв дојден прв, услужен“.