Општина Гевгелија вклучена во Проектот на „Конект“ за здружување на граѓаните во заедницата
Со потпишувањето на Меморандумот за соработка
од страна на градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов и извршниот директор на Здружението „Конект“, на промоцијата во Скопје, Општина Гевгелија ќе биде вклучена во Проектот: „Здружи се за заедницата“. Имплементацијата на Проектот е резултат на парнерството на Општина Гевгелија со Фондација „Аполонија“- Гевгелија, „Индиго“ и ЕВН Македонија, а финансирана од УСАИД.
По повод вклучувањето на Општина Гевгелија во Проектот на „Конект“, обраќање имаше градоначалникот Сарамандов, во кое истакна:
- Добивањето на овој проект ја потврдува заложбата на Општина Гевгелија за мотивирање на граѓаните за поголемо учество во заедницата. Односно, поактивно да бидат вклучени во градењето политики на локално ниво, од нивна корист. Впрочем, така е и досега, со рангирањето на Општина Гевгелија на листата меѓу најтранспарентните локални самоуправи и државни институции заедно со Општина Велес во спроведеното истражување на Центарот за граѓански организации. Вклучувањето на Општина Гевгелија во Проектот на „Конект“ е дополнителен мотив за уште поголема соработка со правните и физички лица од општина Гевгелија.
Целта на Проектот: „Здружи се заедницата“ е создавање на одржливи системи и развој на локалната самоуправа, како и поддршка за формирање и функционирање на инфраструктура за филантропија на локално ниво, и формирање Локални акциони јадра коишто ќе бидат фокусни точки за ангажман на граѓаните и за градење локални партнерства преку мобилна апликација „Комунити“ како алатка за детектирање и решавање локални проблеми. Покрај Општина Гевгелија, со Проектот се опфатени уште 5 општини од државата кои ќе ги користат локалните ресурси за подобрување на живеењето во заедницата.