Успешна реализација на 1. Фестивал за храна и пијалоци во Гевгелија
Гевгелија го „Вкуси југот“ со многу музика, прекрасна забава
и богата понуда на локални вина и храна. За прв пат, на 15, 16 и 17 септември годинава, во Гевгелија се случи Фестивал на храна и пијалоци од прекрасното јужно поднебје. Проследен со богата и разновидна музичка програма, наменета за сите возрасти и генерации. Фактот дека Фестивалот за три дена го посетија над 8.000 посетители, недвосмислено зборува дека „Вкуси го југот“ на гевгеличани им понуди нешто ново, досега невидено и невообичаено. Што е уште позначајно, им овозможи едно фестивалско другарување и радување на убавите нешта што ги има ова поднебје.
Поставените цели од страна на организаторот - Општина Гевгелија и имплементаторот „Крафт продукција“, но и бројните изведувачи и други чинители, беа исполнети. „Вкуси го југот“ им даден посебен белег на културно-уметничките збиднувања во Гевгелија, но и пошироко, во регионот. Истовремено, го промовираше домашното производство на храна и пијалоци, но и уникатни и автентични производи од овој регион. Нема сомневање дека преку „Вкуси го југот“ Гевгелија се промовираше не само пред своите сограѓани туку и пред бројните гости како гостопримлива и значајна туристичка дестинација.
Три дена, игралиштето кај ООУ„Владо Кантарџиев“, каде беа поставени 20 големи шатори, беа опседнати од гости. Над 50 изложувачи, меѓу кои производители на пијалаци, на храна, како и на ракотворби и уметнички предмети, подготвија богата понуда. На мегасцената, опкружена со ѕид од деца, млади и сите други посетители, настапија повеќе од 20 изведувачи, на локални и најпознати македонски музички имиња. За најмладата публика беше подготвена посебна детска програма со кловнови и магионичари, како и омилените песни од детскиот фестивал „Калинка“. Посебен интерес предизвика дефилето на олдтајмери од повеќе клубови од Македонија и од еден клуб од Србија.
Фестивалот „Вкуси го југот“ стартуваше со КУД „Бојмија“, а веднаш потоа, настапи шпанската група „Инфузиона 2“, која загревањето на публиката го започна со традиционална шпанска музика со модерни ритми. Потоа, следуваше настапот на етнобендот „Баклава“, а веднаш потоа бројни аплаузи измами популарниот македонски фолк-пејач Миле Кузмановски. Звезди на вечерта секако беа Драган Спасов-Дац и Александар Митевски, кои ги воодушевија гевгеличани. Меѓутоа, настапот на шоуменот Игор Џамбазов со „Гуру Харе бенд“ предизвика воодушевување кај публиката. Вториот ден од фестивалот им припадна на олдтајмерите, за да продолжи со КУД „Кавадарци“, со Ристо Стојанов и неговиот бенд, младиот гевгелиски бенд „Фониа“ и миленикот на помпладата публика - познатиот Пајак. Адреналинот кај публиката го подигнаа легендарните Роберт и Панки од „Куку леле“, забавата ја продолжи ДНК, која кулуминираше со настапот на „Некст тајм“, чии хитови ги пееја сите на глас.
Во недела, третиот фестивалски ден стартуваше напладне со ревија на песните изведени на детскиот фестивал „Калинка 2023“. Потоа, настапија младите гитаристи, кои макотрпно работеа под менторство на Коце Динев од „Зијан“ и учениците од училиштето за тапани на Моки. Пеачите од „Евро порта Фест“ и танчерската група „Мистик денс“ ја загреаја најмладата публика, како и уличниот перформанс „Баскер Фест“. Вечерната забава започна со настапите на КУД „Негорци“ и КУД „Браќа Толеви“, гевгелискиот состав -Моки, Марија и Крџе, Анета Ристова-Василева и енергичните „Брас брадрс“. Завршното шоу им припадна на Ружица од „Ареа“ и „Суперхикс“, кои ја „запалија“ публиката. Посебен дух на фестивалот му даде познатиот актер Сашко Коцев, кој на својот препознатлив начин ја водеше програмата. Додека, со аплаузи беа проследени настапите на омилениот гевгеличанец Дејан Малзарков- Диверзија за своето стендап хумористично шоу.