Набавени 3 електромоторни помагала за лица со инвалидитет
Општина Гевгелија набави 3 електромоторни помагала
за лица со телесен инвалидитет, членови на Здружението за лица со телесен инвалидитет „Мобилност“- Гевгелија. За таа цел, Општина Гевгелија распиша тендерска набавка, а по нејзината реализација, трите автоматизирани помагала, односно една електромоторна количка со контролна табла (џоистик), електромоторен скутер и електромоторен приклучок, беа предадени трајно во употреба на корисниците во просториите на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа- Гевгелија.
- Општина Гевгелија им излезе во пресрет на барањата на лицата со телесен инвалидитет и за нивно непречено функционирање во секојдневието преку Програмата за социјална заштита за 2023 година со реализацијата на набавката на 3 автоматизирани колички. Со ваквиот начин на работа, преку континуирани средби со Здруженијата на лицата со попреченост, нотирање на проблемите со коишто се соочуваат и реализација на нивните барања, ја продолжуваме заложбата на Општина Гевгелија за нивно активно вклучување во заедницата и во процесот на донесување одлуки на локално ниво, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, по повод предавањето на набавените помагала.
Членовите на „Мобилност“ изразија благодарност до градоначалникот Андон Сарамандов за реализацијата на активноста и неговата отворена соработка со Здруженијата на лица со попреченост, надевајќи се дека Општина Гевгелија ќе биде позитивен пример и за другите единици на локална самоуправа во државата.
За набавката на трите автоматизирани помагала, Општина Гевгелија издвои 418.000 денари со пресметан ДДВ од Општинскиот буџет за 2023 година.