Младите гевгеличани детектираа еко-проблеми
Младите гевгеличани во рамки на Проектот на Агенцијата
за млади и спорт за учество на младите во носењето одлуки за животната средина на локално ниво, детектираа еко-проблеми во општината. На настанот, покрај претставниците на Локалното младинско собрание и Локалниот младински совет, присуствуваа и учествуваа во дискусиите и други млади кои членуваат во младински организации, членови на Советот на Општина Гевгелија, претставници на граѓанскиот сектор којшто делува во областа на животната средина, како и претставници на институциите надлежни за животната средина- општинска администрација и Државниот инспекторат за ЖС.
Од страна на младите беше истакнато дека најголемиот проблем е свесноста кај граѓаните за загадување на животната средина преку несовесното депонирање на отпадот на одредени локации во општината, недостатокот од зелени површини и нивно мапирање и одржување на одводните канали. Во наредниот период, младите коишто присуствуваа на настанот, ќе изберат еден еко-проблем, за којшто од страна на стручни експерти ќе биде подготвен елаборат и претставен повторно на средба во Гевгелија.
Проектот за поддршка на младинското учество во животната средина и климатските промени на локално ниво преку вклучување на младите во донесувањето одлуки за политиките за животна среднина, којшто го имплементира АМС во соработка со партнер- општините Гевгелија, Велес и Берово, е поддржан од УНИЦЕФ.