Изградба на нови улици и краци во Давидово
Продолжува акцијата на Општина Гевгелија за подобрување
на локалната патна инфраструктура. Во Давидово, се бетонирани нови улици и краци, коишто значително ќе ги подобрат условите за живот во ова населено место. Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, изврши увид на реализираните градежни зафати, а при посетата на Давидово оствари и средба со жителите на ова населено место. Притоа, заедно со жителите, го посети и подрачното училиште, каде што беше запознаен со фактичката состојба во училиштето и на училишното игралиште.
Заради подобрување на воспитно-образовниот процес, како и за обезбедување современи услови за реализација на училишниот спорт, градоначалникот Сарамандов најави реконструкција на игралиштето. За таа цел, ќе биде поставена современа подлога за фудбал, со што значително ќе бидат подобрени условите за спортување на учениците и младите, согласно барањата на жителите на Давидово.
- Моја и заложба на локалната самоуправа со конкретни зафати и вложувања да бидат подобрени условите за живот во секое населено место, истакна Сарамандов.