7 Ноември: Полагање цвеќе, Свечена седница на Совет, Концерт на „Ајга“
Утре (7 ноември 2023 година), во чест на борците од НОВ,
градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов и делегации на: Советот на Општина Гевгелија, политички партии, Сојузот на борци од НОБ и продолжувачи на делото „Гевгелија“- Гевгелија и нво-секторот, ќе полагаат свежо цвеќе пред спомен-обележјата во Гевгелија за Денот на ослободувањето на Гевгелија.
Полагањето цвеќе и оддавањето почит на паднатите борци за слободна Гевгелија ќе започне во 11:30 часот.
Советот на Општина Гевгелија, ќе ја одржи својата 33. свечена седница по повод Денот на oслободувањето на Гевгелија. На свечената седница, обраќање ќе има градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов. Исто така, на одделни институции, здруженија на граѓани и личности, градоначалникот Сарамандов ќе им врачи Благодарници за афирмација на општина Гевгелија со своите активности и дела во изминатата година. Свечената седница ќе се одржи во Големата сала на Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 19:00 часот.
По одржувањето на Свечената седница на Советот на Општина Гевгелија, во Народниот-театар- Гевгелија, со почеток во 19:45 часот, гудачкиот камерен оркестар „АЈГА“ ќе го одржи својот Концерт, под диригентската палка на Борјан Цанев. Солисти на концертот се Владимир Костов на виолина и Маја Чанаќевиќ на англиски рог. На програмата, ќе бидат изведени дела од: Бах („Арија“), Моцарт („Мала ноќна музика I став“), Шуман („Мечтаење“), Фиала („Адаџо“), Шуберт („Музички момент бр. 3“), Константинов („Враќањето од Пасквелија“), Скалоски („Залез“) и Шуплевски („Капричо“).
Камерниот оркестар „АЈГА“ е формиран во септември 2022 година. Во краткиот временски период од формирањето до денес, оркестарот реализира повеќе концерти под раководство на диригентите: Вернер Херцог, Борјан Цанев, Ана Спасовска, Виктор Митревски и други, изведувајќи дела од светската литература, но и бројни дела од македонски композитори. Досегашните изведби на „Ајга“ предизвикаа бројни позитивни импресии и кај публиката и кај музичката критика. Музичката критика во досегашните настапи на камерниот оркестар „Ајга“ ја истакнува емоцијата на музичкиот израз и впечатливата интерпретација, којашто „на површина ги извади аспектите на делата кои досега не биле потенцирани на изведбите кои сме ги чуле“, деликатното чувство на музичарите „за креирање атмосфера на бои и потенцијалот да ја извадат есенцијата на музичкото дело на површината. Во текот на концертната сезона 2022/2023 оркестарот имаше чест и задоволство да настапи со светски познатиот пијанист Иво Погорелиќ, германскиот виолинист Кирил Трусов и други истакнати македонски уметници.