Свечена седница на Советот на Општина Гевгелија по повод 7 Ноември
На Денот на ослободувањето на Гевгелија,
Советот на Општина Гевгелија ја одржа својата 33. свечена седница, на којашто покрај членовите на Советот и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, присуствуваа претставници и следбеници на Здружението на борците од НОВ, функционери, претставници на збратимените и пријателски општини, на бизнис-заедницата и на граѓанскиот сектор. Седницата ја отвори претстедателот на Советот на Општина Гевгелија, Патрик Матх, честитајќи го општинскиот празник, а обраќање по повод празникот имаше градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
- Гевгелија денес го слави своето ослободување од фашистичкиот окупатор во Втората светска војна и слободно живеење скоро осум децении, рече Сарамандов, по што ја изрази неговата благодарност и почит кон сите сограѓани и борци, кои се бореле и придонеле за слободата на Гевгелија. Наша обврска и одговорност, истакна Сарамандов, е да продолжиме по тој пат, но и да го надградиме. Бидејќи граѓаните тоа го заслужуваат.
Општина Гевгелија меѓу двете празнувања, настојуваше на сите свои граѓани, но и на се побројните гости, да им понуди и да обезбеди поквалитетни услови за живеење и престој. И тоа, преку решавање на долгогодишните проблеми и барања, што ги мачат граѓаните, главно, во областа на инфраструктурата. Условите за урбано живеење значително се подобрени со решавање и финиширање на одамна започнатите и подзаборавени проекти. Почнувајќи од атмосферската канализација, новите водоснабдителни системи, асфалтираните и бетонирани улици, па се до целосно обновените и запуштени младински домови и објекти. Дополнително, уредени се нови детски игралишта, спортско-рекреативни центри и зелени површини, како во Гевгелија, така и во сите населени места. Дел од овие проекти се реализирани со финансиска поддршка од домашни и меѓународни грантови, но, и со задолжително сопствено учество, што е доволна потврда за финансискиот капацитет на Општината. Општина Гевгелија во изминатиов период се афирмираше и како локална заедница, која посветува значително внимание за развој на туризмот, подобрување на социјалните услуги, збогатување на културниот и спортскиот живот.
За таа цел, беа организирани повеќе настани, како за афирмација на поднебјето со сите негови погодности, така и за задоволување на потребите на граѓаните и се побројните гости од соседството. Гевгелија се брендираше како град со интересни културни, спортски и значајни општествени настани, кои значително придонесуваат за туристичкиот развој. Обновени се и одржани, збогатени со нови содржини, стари и нови културни манифестации, кои предизвикаа голем интерес кај бројни учесници, главно, млади луѓе, но и илјадници посетители. Одржани се повеќе локални, државни и меѓународни спортски натпревари и манифестации, со учество на голем број спортисти, млади луѓе на сите возрасти, проследени од бројна публика. За реализираните активности и проекти, спроведените иницијативи и организираните акции, истакна градоначалникот Сарамандов, од посебно значење за мене беше поддршката од општинската администрација. Исто така, и соработката со Советот на Општина Гевгелија и локалните јавни претпријатија и установи од комуналната сфера, образованието и културата.
Затоа, сакам да изразам благодарност за ваквата соработка и поддршка, бидејќи на тој начин во практика заеднички ја спроведуваме нашата заложба за подобра Гевгелија. Во периодот што следи, продолжуваме по истиот пат: да ги подобриме условите за живот на граѓаните, да ја афирмираме Гевгелија и општината како значајна туристичка дестинација и успешно да ги финишираме зпочнатите проекти и активности.
На крајот на своето излагање градоначалникот Андон Сарамандов упати честитки за Денот на ослободувањето на Гевгелија – 7 Ноември до сите жители на Општина Гевгелија со желба – Гевгелија да продолжи да расте и да се развива како модерна и урбана – европска заедница.
Во продолжение на седницата, преку видео-запис беше прикажано што е сработено меѓу двете празнувања во Општина Гевгелија, На свечената седница, од страна на градоначалникот Андон Сарамандов за афирмација на општина Гевгелија со своите активности и дела им беа доделени Благодарници на ликовниот уметник Борис Петров, четирите пожарникари од ТППЕ- Гевгелија, кои беа дел од спасувачките екипи за помош на настраданите од земјотресот во Турција - Дејан Иванов, Димитар Георгиев, Горан Митров и Кире Калинов, ОО Црвен крст- Гевгелија и Џоко Ризов, Фондацијата „Ице Бегов“ за својата хумана мисија и помош на лицата со попреченост и планинарот од ПСК „Двете уши“- Гевгелија, кој со велосипед го искачи врвот Ухуру (5.895 м.н.в.) на највисоката планина во Африка - Килиманџаро.