Завршени се изведбените работи на Динќут
Изведбените работи на излетиштето Динќут крај Гевгелија се веќе завршени.
По техничкиот прием наскоро сите содржини за рекреација, спорт и забава ќе бидат достапни за најмладите и постарите посетители.
Најмладите на располагање ќе имаат неколку детски игралишта. И тоа, детско игралиште со современа опрема поставена на песочна подлога, каде се поставени реквизити и опрема за забава на деца, трамбулина и лулашки. Потоа, детско игралиште со опрема од природни материјали поставени на песочна подлога, каде се поставени реквизити и опрема изработени од природни материјали: куќичка за деца, справа од јажиња, лулашки и слично.
Исто така, на Динќут е уредено Летното кино, со поставени клупи од природен материјал, амфитеатрално распоредени за 50 луѓе, како и пано за проекции. Уреден е и простор со справи за фитнес и гимнастика, поточно, поставени се 6 справи на кои можат да се практикуваат вежби во природа.
На целиот локалитет се уредени трим патеки опремени со реквизити за трчање и вежбање наменети за повозрасните посетители, изработени целосно од природни материјали, и патеки оплеменети со штампан бетон.
Покрај ова поставена е и урбана опрема, канделабри, клупи, корпи за отпадоци, информативни табли и чешми. Со проектот, кој е реализиран со финансиска поддршка од ИПА-ППС со Република Бугарија, а во партнерство на општина Гевгелија и Агенцијата за локален равој во Банско, предвидено е поставување на видео надзор.
Деновиве се очекува на овој нов туристичко-рекреативен центар да започнат работите за чистење и хортикултурно уредување на целиот простор.