Нова водоводна мрежа во населбата кај поранешната Касарна
Урбан блок 5 во Гевгелија, кај поранешната Касарна во Гевгелија,
ќе добие нова водоводна мрежа. Во тек се градежните активности за изградба на водоснабдителни системи во Урбан блок 5, каде што никнува нова станбена населба. Се работи за изградба на два крака од водоводна линија во вкупна должина од 737 метри, како дел од Проектот на Општина Гевгелија за подобрување на квалитетот и проширување на мрежата за водоснабдување во урбаните средини во Гевгелија. Имено, во Урбан блок 5 во тек е изградбата на неколку нови колективни и индивидуални станбени објекти.
Според градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, наскоро во истиот урбан блок ќе започне и изградбата на нова фекална канализација. Со тоа ќе се обезбеди целосна комунална инфраструктура во овој дел од градот.
- Целта на овој зафат е граѓаните да добијат соодветни комунални услуги и подобрена комунална инфраструктура имајќи го предвид фактот дека населбата кај старата Касарна во Гевгелија се урбанизира, нагласи Сарамандов.