Нацрт-Буџетот на Општина Гевгелија за 2024 година проектиран на 598.776.959 денари
Советот на Општина Гевгелија, на својата 35. седница,
со мнозинство гласови го усвои Нацрт-Буџетот на Општина Гевгелија за 2024 година. Нацрт-Буџетот на Општина Гевгелија за следната година е проектиран на 598.776.959 денари или на скоро 9,7 милиони евра. Додека, вкупните приходи на Основниот буџет за 2024 година се проектирани во висина од 265.408.259 денари. Во Основниот буџет, капиталните приходи учествуваат со 12,35% или 32.794.763 денари, а во билансот на расходи, капиталните расходи со 28,21% или 74.890.000 денари.
Во расправата по Нацрт-Буџетот на Општина Гевгелија за 2024 година, учествуваа повеќе членови на Советот на Општината, давајќи конкретни предлози, забелешки и идеи за дополнување на овој значаен документ. Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, даде осврт на Нацрт-Буџетот, истовремено, најавувајќи ги и проектите коишто ќе се реализираат во текот на 2024 година:
- Во однос на Нацрт-Буџетот на Општина Гевгелија за 2024 година, ќе се задржам на Основниот буџет, којшто е проектиран на 265.408.259 денари. Стартната основа за проектирање на овој буџет е последниот ребаланс на Буџетот за 2023 година со мали промени во новиот буџет. Единствена промена во делот на капиталните расходи е зголемувањето на средствата предвидени за реконструкција на спортската сала ДТВ „Партизан“ и реконструкцијата на Младинскиот дом во Моин. Во 2024 година, се планираат повеќе зафати, коишто ќе се реализираат со сопствени средства и грантови: спортски игралишта во основните училишта, во спортскиот комплекс кај Касарната, на улица „Сава Михајлов“ и во населените места Миравци, Давидово и Прдејци. Предвидени се и средства за изградба на спортско-рекреативниот центар „Топлик“, три детски игралишта во Кованец, Мрзенци и Горничет, урбана опрема за селекција на отпад во населените места и изградба на атмосферска, фекална и водоводна мрежа во Урбан блок 4.4., како и изградба на атмосферска канализација на неколку улици во градот.
Исто така, се изработуваат и основни проекти за реконструкција на салите во културните домови во Миравци и Негорци, како и во Пионерскиот дом, за да бидеме подготвени за аплицирање за грантови во наредната 2024 година. На Повикот преку Програмата за прекугранична соработка со Бугарија, аплициравме со Проектот за реконструкција на старото училиште во Серменин и со Проектот за оплеменување на појасот долж Сува Река со повеќе содржини, а во фаза на еваулација се уште неколку други проекти, истакна Сарамандов.
Притоа, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, апелираше до сите граѓани да учествуваат со идеи и предлози во јавната расправа по Нацрт-Буџетот, којашто ќе трае до одржувањето на наредната седница на Советот на Општина Гевгелија, пред крајот на годината.
- Во наредниот период, во текот на јавната расправа по Нацрт-Буџетот, ќе бидат реализирани средби со граѓаните и со претседателите на Месните заедници, така што ќе биде овозможено на секој граѓанин да поднесе предлози и даде свои сугестии за општинскиот буџет во идната година. Добредојдени се сите идеи, коишто ќе бидат разгледани и согласно можностите ќе бидат вметнати во Предлог-Буџетот, порача Сарамандов.