Подготовки за реализација на германскиот грант од 2,5 милиони евра
Во текот на 2018 година направени се потребните
предуслови во 2019 година, општина Гевгелија да биде фискално стабилна и солвентна за да може да ги извршува сите свои функции и надлежности, порача градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков на последната седница на Советот на општина Гевгелија, информирајќи ги советниците за своето минатогодишно работење. Притоа, ги најави приоритетните активности во општина Гевгелија, од кои некои веќе се во фаза на реализација.
-Заедно со проект-менаџерите на Ка-Фе-Ев банката, привршуваме со дефинирањето на проектите за реализација на грантот од 2,5 милиони евра, која започнува кон крајот на април.Засега е сигурно дека дел од средствата ќе бидат наменети за изградба на водоводна линија од новите резервоари на Мрзенци до Негорци и Прдејци, што е посебно значајно, бидејќи со овој зафат ќе се создадат и предуслови за комунално инфраструктурно уредување на Технолошко развојната зона „Прдејци“.Во досегашните разговори, а согласно донесената Физибилити студија за комунален развој до 2030 година, приоритет е даден и на санацијата на водоводната линија која минува под мостот на Вардар, до граничниот премин Богородица и селото Богородица. Не помалку значајна е и примарната и секундарната мрежа за атмосферска канализација на јужниот дел од градот, од поранешна Касарна, па, се до железничката пруга, рече Поцков.
Во тек се и прегоиворите со ИОМ за обезбедување на грант за изградба на патот до Времената депонија кај Ново Конско. Исто така, на минатогодишната средба на градоначалникот Сашо Поцков со градоначалникот на Пеонија, соседна Грција, Христос Гунденудис, беше обновена иницијативата за ревитализација на граничниот премин Гевгелија-Идомени исклучиво за патнички сообраќај, со цел да се растовари сообраќајната гужва на преминот Богородица-Евзони, посебно, во летните месеци. Претставници на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија престојуваа во општина Гевгелија, а извршија и увид на теренот.
Покрај ова во општина Гевгелија, по завршената тендерска постапка, стартува пролетната акција за изградба и реконструкција на улиците. Најавена е и попстапка и расправа за примена на новиот проект за сообраќаен режим во Гевгелија, со кој ќе биде воведено и зонско паркирање. Наскоро, пред Советот на општина Гевгелија на усвојување се очекува да пристигне и Предлог-Деталниот урбанистички план за центарот на градот со што се создаваат предуслови за негово уредување.