Акција на локалната самоуправа за подобрување на комуналната хигиена
По повод Денот на пролетта, општина Гевгелија заедно со ЈПКД„Комуналец“,
организираше во саботата пролетна работна акција за поголема комунална хигиена во Гевгелија. Во неа учество зедоа вработените во општинската администрација и во ЈПКД„Комуналец“, дел од советниците од Советот на општина Гевгелија, како и членовите на планинарските друштва „Кожуф“.
Со акцијата беа опфатени продолжението на Западниот булевар, стариот влез во Гевгелија, кај Мрзенци, на двете страни од патот од бензинската пумпа „Шимов“, на влезот во Гевгелија, до мотелот „Вардар“.
-Сакам да изразам голема благодарност до сите кои го прифатија повикот од локалната самоуправа и се вклучија во акцијата, изјави градоначалникот Сашо Поцков. Апелирам до граѓаните поодговорно да се однесуваат кон јавната чистота и правилно да постапуваат со комуналниот отпад. На тој начин ќе придонесат за подобра комунална хигиена во градот и во околината. Гевгелија е отворен град, со богата традиција, овде секојдневно пристигаат по илјада странски гости, затоа на нив, но и на самите нас треба да им понудиме урбана слика од градот, рече Поцков.