Поголема контрола за превентивна заштита од пожари
Пожарот на депонијата кај Гевгелија е локализиран,
а во тек е акцијата за целосно отстранување на чадот кој повремено се шири поради тлеењето на комуналниот отпад. Изминативе денови континуирано се вршеше гаснење на пожарот на комуналниот отпад во кои учествуваа вработените во ЈПКД„Комуналец“, ТППЕ-Гевгелија и посебна екипа, кои покрај цистерните со вода, на располагање имаа и тешка механизација. Поради специфичноста на локацијата и наталожениот комунален отпад гаснењето се одвиваше отежнато, поради што беа користени и посебни третмани за постапување во вакви случаеви, познати во светот, а кои дадоа резултат, изјави во синоќешното интервју за ТВ Нова12 градоначалникот на општина Гевгелчија Сашо Поцков.
Притоа, најави поригорозни контролни мерки за спречување на натамошното потпалување на оваа, како и на депонијата кај Негорци. Имено, завчера избувна повторно пожар на депонијата кај Негорци поради што беше мобилизирана механизацијата на ЈПКД„Комуналец“ и ТППЕ-Гевгелија.
-По целосното локализирање на пожарот на депонијата кај Гевгелија, ќе бидат преземени мерки за целосно заградување на депонијата, односно во депонијата ќе се вклегува само преку влезот до стражарската куќичка. Исто така, ќе биде воведено постојано дежурство, а од страна на надлежните државни органи во тек е акција за отстранување на сите непознати лица, кои незаконито отседнуваат долж коритото на Сува река, а во непосредна близина на депонијата. Ваквите мерки се неопходни до целосното профункционирање на новата депонија кај Ново Конско, кое очекувам да биде наесен. Иако, формално депонијата беше завршена, таа се уште не е во функција бидејќи нема пристапен пат. Изработивме проект и на добар пат сме, преку ИМО да обезбедиме грант за изградба на овој пат, со што ќе бидат создадени сите предуслови за профункционирање на депонијата. Истовремено, изработен е елаборат и обезбедени се средства за ревитализацијата на просторот на сегашната депонија, по нејзината дислокација, изјави градоначалникот Сашо Поцков.
Паралелно се преземаат мерки и за заштита од дивата депонија кај Негорци, каде што ќе биде забрането депонирањето на комунален отпад. За тоа ќе бидат известени сите компании од Негорци и околината кои го депонираат комуналниот отпад на оваа локација, крај патот Негорци и Серменин, побарано во одреден рок да се договорат со ЈПКД„Комуналец“ околу собирањето на отпадот, бидејќи во спротивно ќе бидат преземени санкции. ЈПКД„Комуналец“ го собира комуналниот отпад од домаќинствата во Негорци и редовно го депонира во гевгелиската депонија. Исто така, најавува организирање на еднодневна акција за собирање на покрупниот отпад во Негорци, доколку има потреба за тоа.
Ваква акција е најавена и за во Богородица, каде што провизорната дива депонија во непосредна близина на границата е исчистена.