Избрано ново раководство на Здружението на пензионери
Здружението на пензионери во Гевгелија избра
нов претседател - Велин Стојменов, пензиониран професор од Гевгелија. На изборот му претходеше тримесечна изборна постапка за делегати за Собранието на пензионери на Гевгелија, која завршницата ја имаше на изборното собрание. За претседател на Собранието е избрана Мара Николова, а Стојменов ќе ја обавува и функцијата претседател на Извршниот одбор. Гевгелиските пензионери за свој претставник во Републичкото Собрание на пензионери го избраа Костадин Дагалев.
- Гевгелија на 20 мај ќе биде домаќин на околу 400 пензионери од Повардарскиот регион на Регионалните спортски натпревари за пензионери. Исто така, во тек се подготовките за учество на манифестацијата „Пензионерите пеат“ која ќе се одржи во Валандово. Од другите активности кои стојат како предизвик пред новото раководство треба да се договориме што ќе правиме со просторот кој што некогаш се користеше како ресторант, а подоцна и како собиралиште на пензионерите. Неопходно е и реновирањето на клубот на пензионерите, кој е зад ресторантскиот дел. Исто така, сакаме да ја обновиме и викендичката која ја поседува Здружението на пензионери на Смрдлива вода, која има три соби со 8 легла, со што ќе може преку летниот период за минимални средства да ја користат нашите пензионери, но и оние од околните општини кои ќе сакаат да ја користат, ги најави следните активности новоизбраниот претседател Стојменов.