Три ветерници од ветерниот парк “Дрен“ во Гевгелија
Турски инвеститор, преку својата компанија
Калтун енерџи ДОО Скопје, се подготвува за реализација на својот проект Ветерен парк „Дрен, во општините Демир Капија и Гевгелија.Во рамките на проектот е предвидена изградба на десет ветерници на териториите на општините Демир Капија и во Гевгелија. Известувањето за намерата да инвестира во искористување на енергијата од ветерот во овој дел на државата, веќе го доставила до Министерството за животна средина и просторно планирање и Управата за животна средина. Седум од ветерниците се планирани да бидат изградени во општина Демир Капија, а три во општина Гевгелија.
-Искористувањето на ветерот, како алтернативен извор на енергија, претставува најисплатлива, најбрза за имплементација и најсовремена енергетска технологија, што нуди брзо и долгорочно елиминирање на штетните емисии во околната средина. Проектот за изградба на Ветерен парк „Дрен“ ќе даде придонес за зголемување на учеството на обновливите извори на енергија во влупното производство на електрична енергија, стои во известувањето. Со проектот се предвидува поставување на инсталации за искористување на силата на ветерот, заради производство на енергија, таканаречени фарми на ветер.
Локацијата на ветерниот парк Дрен се наоѓа на територијата на двете општини, а теренот е ридест, со надморска височина од 246 до 736 метри. Според инвеститорот, проектот ќе има позитивно влијание и ќе придонесе кон унапредување на снабдувањето на потрошувачите со електрична енергија и зголемување на стабилноста.Како обновлив извор на енергија, паркот на ветерни електрани индиректно ќе придонесе за намалување или редукција на емисиите на стакленички гасови и на другите загадувачки супстанции во воздухот што би се јавиле, доколку за производство на истото количество електрична енергија се користат необновливи извори.
За реализација на проектот ќе бидат ангажирани фирми и работници за изградба, транспорт и одржување на ветерните електрани. Проектниот менаџер при турската инвестиција Калтун енерџи, Хусеин Зејнулах информира дека веќе имаат позитивен одговор од Министерството за животна средина, а се направени и контакти во двете општини. Општина Гевгелија веќе изврши измени и дополнувања на Програмата за комунален надомест, вклучувајЌи ги ветерниците, бидејќи средствата за комунален надомест за трите ветерници, кои ќе бидат изградени на територијата на општина Гевгелија, ќе се слеат во општинскиот буџет.