МКФ: Благодариме за празникот на кошарката
Македонската кошаркарска федерација
се огласи со благодарност до организаторите и честитки до клубовите за одличната организација и спортска атмосфера од годинешното издание од Кошаркарскиот Куп на Македонија одржан викендов во Гевгелија.
„Македонската кошаркарска федерација им ги честита освоените Куп-трофеи на женскиот кошаркарски клуб Вардар, кој изминатиот викенд ја освои третата Куп-титула во низа, и на кошаркарскиот клуб Работнички кој се закити со десеттиот Куп-трофеј. Исто така, сакаме да им се заблагодариме на градот Гевгелија за гостопримството и за безрезервната поддршка за организирањето на овој спортски настан кој е празник на кошарката. Воедно, сакаме да им се заблагодариме и на клубовите Блокотехна и Кожув кои беа коорганизатори на натпреварите.
Спортските сали „Негорски Бањи“ и „26 април“ беа исполнети речиси до последното место од љубителите на спортот со портокаловата топка, кои дополнително придонесоа за спортската атмосфера во целост.
Благодарност и до сите клубови-учесници во овогодишниот Куп за фер играта и за промоцијата на кошаркарскиот спорт“ - стои во соопштението на МКФ.