Продолжува акцијата за обновување на улиците во општината
Продолжува акцијата за изградба и обнова на
улиците и локалните патишта во општина Гевгелија. Во Гевгелија е извршено бетонирање на паркингот кај Општата болница, а ќе биде бетониран и просторот за паркирање пред детската градинка „Сончогледи“. Изведувачот ТИРЦ„Пелагонија“, која го доби тендерот, заедно со подизведувачи, изврши бетонирање на улицата до гробиштата, подрачното училиште и црквата во Смоквица. Исто така, бетониран е крак од булеварот „Гевгелија“ во Гевгелија и две помали улички во Моин. Предвидено е и бетонирање на улицата крај училиштето во Кованец.
Во рамките на акцијата извршена е реконструкција и асфалтирање на улицата „Браќа Толеви“ во Прдејци, а претстои и асфалтирање на улицата „Први мај“ во Гевгелија, како и паркинг-просторот кај гробиштата во Гевгелија. Предвидена е и реконструкција и асфалтирање на улицата крај детската градинка во Миравци. Работите ќе ги изведува ВЕ-Група ДООЕЛ Радовиш, која го доби тендерот за реконструкција на улиците.
Градежната фирма „Еуроинг“, согласно добиениот тендер, веќе го заврши доасфалтирањето на улицата „Гоце Делчев“ во Негорци, а во тек е тампонирањето на заобиколната улица во Богородица. Претстои изградба на улицата „Гоце Делчев“ во Мрзенци, како и улицата што се издвојува од Западниот булевар во Гевгелија. Изведбата на сите улици, чија реализација е предвидена во Програмата за локални патишта и улици на општина Гевгелија во 2019 година, што Советот на општина Гевгелија ја донесе кон крајот на минатата година, се одвива во зависност од временските прилики.