Безбедносната состојба во општина Гевгелија стабилна
-Безбедносната состојба на подрачјето кое го покрива
полициската станица од Општа надлежност Гевгелија, во текот на 2018 година, од аспект на јавниот ред и мир, е стабилна, ги информираше членовите на Советот на општина Гевгелија, на последната седница, командирот на полициската станица од општа надлежност-Гевгелија, Миле Ангелков. Според него ваквата оценка произлегува од пријавените настани, последиците од пријавените настани и постапувањето на службите по истите. Во општина Гевгелија не се регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир од поголем обем или кои може да ја вознемират јавноста и да предизвикаат загриженост по личната безбедност на граѓаните и нивниот имот. Од страна на службите секогаш е благовремено интервенирано по пријавени настани кои се однесуваат од областа на јавниот ред и мир, истите се документирани и против сторителите, согласно законските прописи се преземени соодветни законски мерки односно поднесени се барања за поведување постапка до Основниот суд Гевгелија.
Во текот на 2018 година регистрирани се 70 нарушувања на јавниот ред и мир, а при нивното расветлување се констатирани 70 прекршоци. Што се однесува до бројот на сторени кривични дела, во 2018 година се сторени 297, од кои 215 се расветлени. Од откриените кривични дела на класичниот криминал отпаѓаат 215, на економскиот 18, на организираниот 21, на недозволена трговија и шверц со дрога 27, а на недозволена трговија со оружје еден случај.