Во Гевгелија ќе бидат поставени мониторинг станици за аерозагадување
Во Гевгелија ќе бидат набавени и поставени мониторинг станица
за следење на квалитетот на амбиентниот воздух, во рамки на проектот на Центарот за климатски промени – Гевгелија и Министерството за животна средина и просторно планирање „Развивање и имплементација на здравствен индекс во прекуграничниот регион“. Проектот е финансиран од Европската Унија преку ИПА програмата за прекугранична соработка Грција – Македонија и се спроведува во Југоисточен регион и Пелагониски регион со фокус на градовите Гевгелија и Битола.
Главната цел на проектот е да се подобри управувањето и заштитата на прекуграничната област преку формирање на мрежа за мониторинг на амбиентен воздух. Специфичните цели се однесуваат на развивање и евалуација на инвентарите за емисии во сите партнерски области, проценка на ризиците врз здравјето поврзани со мерењата од квалитетот на воздухот, подготовка на интегрирана ИКТ алатка која ќе обезбедува увид во квалитет на воздухот и можните влијанија врз здравјето на луѓето, подготовка на евалуација на условите во прекуграничниот регион во врска со квалитетот на воздухот и прекуграничното загадување, вклучување на релевантните засегнати страни со цел нивно информирање и креирање на алатка за нивно делување, како и дистрибуција и комуникација на резултатите од проектот до сите засегнати страни и до општата јавност и ранливите групи.
Како дел од активностите поврзани со оценка на здравствените ризици од аерозагадувањето, во мотел „Вардар“ во Гевгелија се одржа информативен состанок за засегнати страни на кој Бојана Станојевска Пецуровска, од Центарот за климатски промени ги презентираше активностите на проектот, особено оние кои ќе се реализираат на територија на Северна Македонија, во Гевгелија и Битола. Потоа преставниците од Институтот за јавно здравје го презентираа демографскиот, социјално-економскиот, еколошки и здравствен профил на населенето во регионот на општина Гевгелија, вклучувајки ја и структурата на најчести заболувања и причини за смрт со посебен акцент на здравствено-еколошките ризици
Во текот на состанокот присутните имаа можност да разговараат за моменталната состојба со аерозагадувањето во Гевгелија, разните еколошки ризици, причините кои доведуваат до тоа и што може да се направи со цел да се намалат истите и да се подобри јавното здравје односно квалитетот на живот во општината.