Презентиран проектот за парк на стариот пазар
Денес пред членовите на Советот на општина Гевгелија
беше презентиран проектот за уредување на парк во централното градско попдрачје, поточно, на локацијата на стариот градски пазар. Со проектот, што го изработи м-р.арх.Ивана Баламовска Илиева во Секторот за урбанизам на општина Гевгелија, се предвидува хортикултурно уредување и урбано опремување на празната површина од 2037 метри квадратни, по преселувањето на пазарот на новата локација. Во проектот се нудат две варијанти, во зависност од процентот на зеленило, наспроти поплочениот дел.
Но, и во двете варијанти се предлагаат тревници, посебни видови на дрвја, поплочени патеки, со клупи, канделарби и друга урбана опрема. Во центарот на паркот се наоѓа фонтана со градби, кои потсетуваат на Двете уши, карактеристичниот планински врв на Кожуф планина, што се надвиснува над Гевгелија. Всушност целиот парк потсетува на гевгелиската котлина со речни корита, патеки, многу зеленило, над кои се издига Кожуф планина.
Градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков појасни дека со презентацијата на проектот всушност започнува и јавната кампања за уредување на овој дел од централното градско подрачје. Паралелно, се настојува што поскоро да се донесе ДУП за центарот на градот, кој е во завршна фаза, односно се чека согласност од Министерството за транспорт и врски. Веднаш потоа ќе биде распишан тендер за избор на изведувач, така што во септември се очекува да започнат и изведбените работи. Што се однесува до времените објекти, кои сега се наоѓаат крај стариот пазар, општината согласно урбанистичките документи предвидува изградба на типизирани деловни објекти, кои ќе бидат вклопени во проектот за паркот. По изградбата на овие објекти предимство за купување ќе им биде дадено на постојните корисници на времени објекти.