Интензивирање на активностите за децентрализација
Управниот одбор на ЗЕЛС,
под претседателство на Петре Шилегов, а во кој членува и градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, вчера ја одржа 11.седница на која стана збор за следните активности за продолжување на децентрализацијата во земјата и нивно заокружување до 1 јануари, 2020 година. На седницата присуствуваше и новиот министер за локална самоуправа на Република Северна Македонија, Горан Милевски, кој беше информиран за генералните ставови на локалните власти во врска со претстојната децентрализација.
-Од мое лично искуство, како поранешен член на општински Совет, сметам дека навистина има простор за сериозни промени во финансирањето, како и во организирањето на локалната самоуправа. Со оглед дека постои расположение одредени надлежности да се пренесат уште од 1 јануари, 2020 година, следниот период ни претстои интензивна работа, која бара поголема оперативност и ефикасност од сите нас“ –рече министерот Милевски, кој при тоа изнесе и одредени предлози каде може да се дејствува за подобрување на сегашните повеќегодишно стагнирани состојби во локалната власт .
Претседателот на ЗЕЛС Петре Шилегов изрази задоволство што централната власт покажа доблест за започнување на промени во децентрализацијата во земјата и овозможување таа дефинитивно да продолжи да се движи во потребната насока. Свесни сме дека ни претстои сериозен и обемен процес, кој бара брзи и динамични активности кои подразбираат бројни законски измени, не само на системските закони како што се Законот за локална самоуправа и Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, туку и измени во најмалку 30-50 други закони поврзани со промените кои ги предвидуваме. Ние сме апсолутно подготвени, ја имаме визијата која му ја предочивме и на Премиерот на државата и сакаме да направиме крупни чекори кои ќе и овозможат на локалната власт да стане финансиски стабилна, да има поголеми надлежности и одговорности, а со тоа да им обезбеди поквалитетни услуги и услови за живот на своите граѓани, истакна Шилегов.
Управниот одбор на оваа седница избра работна група составена од тројца градоначалници: претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов, потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Ганиу и Градоначалникот на општина Велес и претседател на Комисијата за финансирање при ЗЕЛС, Аце Коцевски, кои ќе работат на дефинирањето на целокупниот пакет на промените. Со цел поголема оперативност, беше договорено веќе следната недела, ова тело да одржи средба со министерот за локална самоуправа и неговиот тим.Промените кои треба да бидат опфатени во овој процес на продолжување на децентрализацијата на власта, а кои беа посочени на седницата на Управниот одбор на ЗЕЛС начелно ќе се движат во три насоки.
Првиот и клучниот се однесува на обезбедувањето на поголема финансиска независност на локалната власт. Јасно беше порачано дека општините нема да прифатат нови надлежности доколку првенствено не се обезбеди стабилизирање на финансиското работење на локалната власт и нејзините институции и дека нема да бидат прифатени нови надлежности без обезбедување на адекватни финансиски средства за нивна реализација. Вториот пакет ќе биде насочен кон утврдување на можностите за преземање на нови надлежности и нивно попрецизно дефинирање и третиот пакет би се однесувал на организациската поставеност на работењето на локалната власт. На седницата беа изнесени низа предлози и решенија во насока на обезбедување на пофункционални промени во локалната власт.