Доделени 1,5 милиони денари за санација на санитарните јазли во СОУ „Јосиф Јосифовски“
Во општина Гевгелија денес беше потпишан меморандум за соработка со
Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието и невладината организација Македонски центар за граѓанско образование (МЦГО). Со меморандумот, покрај воспоставувањето на соработка за подобрување на меѓуетничката кохезија меѓу младите, од страна на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) е обезбеден грант од 1,5 милион денари за санација на санитарните јазли во СОУ„Јосиф Јосифовски“. Меморандумот беше потпишан од страна на градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков и претставници на Македонскиот центар за граѓанско образование, кој ќе го имплементира проектот, Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието и на СОУ„Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија.
Со доделениот грант ќе бидат реновирани санитарните јазли во источниот и западниот блок на училиштето. Утре ќе биде објавен јавниот повик на кој можат да се јават сите изведувачи, ќе трае две недели, по што во Македонскиот центар за граѓанско образование ќе биде поведена постапка за избор на најповолен изведувач од трите фирми-апликанти кои ќе понудат најниска цена. Реновирањето на санитарните јазли се очекува да започне во втората половина на август, а да заврши во септември. Ако се има предвид дека изградбата и опремувањето на новите 14 училници во овој средноучилишен центар траба да заврши до почетокот на новата учебна година, тогаш непобитен е фактот дека учениците во СОУ„Јосиф Јосифовски“ наставата ќе ја следат во целосно подновени услови.