Зголемени платите на 97 вработени во детските градинки
Започнувајќи од месец јуни 2019 година вработените во
градинките во целата Република добија зголемување на платите во висина од 16%. Заедно со планираното покачување на платите од дополнителни 5% во месец септември ова вкупно зголемување од 21% е најголемо покачување на платите во градинките до сега, ја информираше јавноста градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков на денешната прес конференција.
Изразено во бројки-просечната плата на еден воспитувач со високо образование и со минат труд од 15 години се покачува од 20.500 денари на 25.500 денари. Освен за воспитувачите, покачување на платите добиваат и негователките, стручните работници и стручните соработници-педагог, психолог, логопед, дефектолог и други за вршење на работи поврзани со дејноста згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст. Истовремено се зголемуваат и платите на помошно техничкиот персонал во градинките и ова покачување е утврдено со колективниот договор, истакна Поцков, нагласувајќи дека со овие покачувања се зголемуваат платите на вкупно 97 вработени во Детската градинка во општина Гевгелија.
Преку зголемување на платите, проширувањето на капацитетите и јакнењето на професионалните компетенции работиме на создавање позитивни промени и делуваме мотивирачки кај стручниот кадар и кај помошно-техничкиот персонал во градинките. Заедно со Владата на дело покажуваме грижа и одговорност кон луѓето кои се грижат за најмладите и за идните генерации, рече Сашо Поцков.