Почна регулацијата на дел од Сува Река
Денес почна реализацијата на проектот
„Одржливо управување со водените ресурси во прекуграничниот регион“, или попознат како АКВА ЕМ 2., во чии рамки ќе биде извршена регулација на дел од коритото на Сува река. Проектот финансиски е поддржан од ИПА-Програмата за прекугранична соработка со Грција, а заеднички го реализираме со Универзитетот од Солун, општините Пеонија и Халкидона, во соседна Грција. Лидер партнер на проектот е општина Гевгелија, а партнер од македонска страна - јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Гевгелија. Додека од грчка страна партнери се Одделот за развој на хемиските истражувања при Универзитетот „Аристотелу“ во Солун, и општинските водостопански претпријатија во Пеонија и во Халкидона.
-Вкупниот буџет на проектот изнесува 1.448.329 евра, од кои на општина Гевгелија и се доделени 516.000 евра за регулација на дел од коритото на Сува река. Додека пак на гевгелиското јавно претпријатие му се доделени 123.807 евра за набавка на опрема за мерење на квалитетот на водата. Регулацијата на Сува река започнува на делот од почетокот на свртувањето на коритото кон јужниот дел од урбанизираната зона, во должина од 600 метри. Станува збор за најкритичниот дел од коритото, кое досега предизвикуваше излевање на речните води и загрозување на блиските станбени објекти, при пообилни врнежи и надојдени речни води. Со проектот се предвидува формирање на минор корито на регулација, 7 каскадни прагови, а ќе бидат изведени заштитни насипи, така што дното и бреговите од коритото ќе бидат соодветно обликувани, рече градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, на денешното одбележување на изведувачките работи, на кој присуствуваа членови на Советот на општина Гевгелија, претставници на општината и други гости.
Изведувач на работите, по меѓународниот јавен повик и европските правила за јавна набавка, е компанијата „Еуроинг“. Стручниот надзор ќе го врши Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии од Скопје, исто така, избран по пат на тендер. Со одобрените средства од проектот за „Комуналец“, ќе биде набавен најсовремен он-лајн анализатор за 24 часовно мерење и следење на хемиските параметри на реката Вардар.
Исто така, ќе биде набавен и он-лајн анализатор за следење на квалитетот на другите води.
Покрај ова со проектот се предвидени и неколку обуки за управување со водите и организирање на повеќе едукативни информативни средби.
-Во оваа прилика сакам да изразам благодарност до ЕУ и ИПА-Програмата за прекугранична соработка за доделениот грант и досегашната многу успешна соработка во оваа, но и во другите програми. Благодарност упатувам и до нашите грчки партнери за досегашната соработка. Што се однесува до изведувачот на работите и стручниот надзор, дозволете ми да изразам надеж дека ќе имаме добра соработка, и што е најважно, договорените активности навреме ќе бидат завршени. Сакам да потсетам, дека регулацијата на дел од коритото на Сува река, претставува само почеток, прва фаза, од проектот за целосна регулација на коритото на оваа река, која понекогаш може да претставува и закана за градот. Бидејќи минува крај урбанизирана зона. Се надевам дека ќе обезбедиме нови грантови за целосна реализација на овој проект. Да посакаме тоа да стане реалност, како што е реалност денешното започнување со работите за регулација на дел од Сува река, истакна градоначалникот Сашо Поцков.
Реализацијата на проектот трае до април 2020 година, а дотогаш треба да заврши и регулацијата на предвидениот дел од Сува река.