Летни еко акции
Во пресрет на почетокот на учебната година
Општина Гевгелија и ЈПКД „Комуналец“ организираа акција за чистење на просторот околу Основното училиште „Владо Кантарџиев“ и околните пристапни улици до училиштето.
На акцијата и се приклучија и граѓани, претставници на локалната самоуправа и членови на планинарското друштво „Двете уши,“ и Ловечкото друштво „Орел“ од Гевгелија. За одбележување е што на акцијата се приклучија и станари од околните згради, кои помогнаа во собирање на несоодветниот смет расфрлан по јавниот урбан простор околу зградите, со миење на скалите од влезот на истите.
Во оваа еко акција, исто така, се чистеше просторот од расфрланиот отпад, се метеа отпаднатите лисја долж просторот под зградите, се чистеа шахтите кои несовесно беа наполнети со отпад. Екипа на комуналното претпријатие со механизација ги однесе на поправка елементите од конструкциите за детските лулашки и реквизитите за забава, а беа обновени, пристегнати, зацврстени повторно ги вратија на своето место.
Летово ова беше уште една еко акција организирана за почиста животна средина, која беше успешно спроведена наспроти летните горештини. Пред извесно време, слична акција организираше општина Гевгелија за чистење на паркот кај Спомен шумата во близина на Сува река. Здружението на граѓани Changemakers4All организираше доброволно чистење на Вардарски рид, Динќут, патот Гевгелија-Негорци. За успешната реализација секако придонесе и мобилноста на ЈПКД„Комуналец“ кој со опрема, возила и луѓе ги поддржуваше сите летнми еко акции.