Советот на Општина Гевгелија донесе повеќе одлуки
Советот на општина Гевгелија на својата 30.седница расправаше
за повеќе актуелни прашања. Советот на општината го усвои Годишниот план за вработување во општина Гевгелија во 2020 година, според кој во општинската администрација идната година, согласно потребите, да бидат работно ангажирани до 10 лица. Советот донесе и одлука за користење на грант средства од Проектот за подобрување на општински услуги (МСИП), кои и се доделуваат на општина Гевгелија за успешно имплементираниот проект за изградба на новите училници во СОУ„Ј.Јосифовски“, а кои ќе бидат наменети за изградба на канализациона линија на улица „Индустриска“ во Гевгелија.
Сите советници гласаа за иницијативата на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ за доделување на стипендии на талентирани студенти од Гевгелија на Медицинските факултети. Одлучено е уште оваа универзитетска година на 5 студенти на Медицинските факултети во земјата да им биде доделена стипендија. Изборот на заинтересираните студенти ќе го врши Комисијата за образование на Советот на општината.
Советот на општината донесе и одлука за утврдување на цената на превозот на ученици од средното и основното образование во општинскиот линијски превоз во општината. Исто така, беше избрана и комисија за доделување на Седмоноемвриската награда, за чиј претседател е избран советникот Петар Стојанов, а за членови советниците Елизабета Јаневска и Андон Сарамандов, како и надворешните членови Оливера Вегова и Слободан Динов. Советот расправаше и по други актуелни нпрашања, а го усвои и финансискиот извештај на ЈПКД„Комуналец“ во првото полугодие од годината.