Ќе се мери квалитетот на водата на реката Вардар
ЈПКД Комуналец Гевгелија во рамките на проектот
„Одржливо управување на водените ресурси во прекуграничниот регион“ - AQUA-M II, одобрен за финансирање од ИНТЕРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка, ќе набави опрема за континуирано и ефективно следење на квалитетот на водата во реката Вардар. Поточно, ќе биде набавен анализатор на различни хемиски параметри, како и анализатори кои ќе го следат и детектираат нивото на токсичност на водите во реката Вардар.Активностите кои ги спроведува ЈПКД Комуналец се координирани од страна на Фондацијата за локален развој и развој на информатички технологии – Гевгелија, заедно со партнерите од Грција.
Ваква опрема за мониторинг ќе биде набавена и од страна на грчките партнери, односно од општинското претпријатие за водовод и канализација на општините Пеонија и Халкидона, додека пак добиените резултати ќе бидат доставени до Универзитетот Аристотел во Солун.
Заштитата и зачувување на квалитетот на водата е прашање од централно значење во рамките на прекуграничната соработка. Водата на реката има витална улога за сите човечки активности кои се случуваат во регионот. Со овој проект се остварува соработка и вмрежувањето на локално и прекугранично ниво меѓу засегнатите страни во делот на заштита на животната средина и водните ресурси, а исто така се прави размена на знаење и практичното искуство за заштита на реката Вардар, што може да послужи како пример за идни слични еколошки проекти и понатамошна соработка.