Негативно мислење за производство на пелети во општина Гевгелија
Почитувани,
Во врска со шпекулациите кои се појавија денес на социјалните мрежи, Ве известуваме за следново:
На ден 28.05.2019 година од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање до општина Гевгелија беше доставен допис-Известување за намера за спроведување на проектот: Складирање на RDF и производство на пелети од RDF гориво во општина Гевгелија за потребите на инвеститорот ,,П&П Индустрис’’ ДОО Скопје. Известувањето беше доставено до општината со цел прибавување на мислење од локалната самоуправа.
Врз основа на ова Известување, градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков организираше јавна презентација во просториите на општината на ден 19.06.2019 година, со цел запознавање и консултирање на засегнатите страни и пошироката јавност за намерата на инвеститорот. На презентацијата беа присутни претставници на заинтересираниот инвеститор, претставник на Министерството за животна средина и просторно планирање, државниот инспектор за животна средина, општинските инспектори, претставници на неколку компании кои работат во индустриската зона Блокотехна, како и претставници на граѓанскиот сектор. Претставниците на инвеститорот имаа можност пред сите присутни да го презентираат својот предлог-проект и да ги изнесат своите аргументи, по што сите присутни имаа простор за дебата и прашања.
По исцрпувањето на коментарите и прашањата, општинската администрација ги консултираше сите присутни претставници на државната администрација, приватните стопанственици и претставниците на граѓанскиот сектор и донесе одлука да се произнесе негативно по доставеното Известување.
Согласно ова, на ден 21.06.2019 година општина Гевгелија даде НЕГАТИВНО МИСЛЕЊЕ за спроведување на гореименуваниот проект со образложение дека планираната локација не е предвидена за посочената дејност, дека во непосредното опкружување се наоѓаат индустриски објекти од прехранбената индустрија, како и поради изразеното мислење на одржаната јавна презентација. Врз основа на ова НЕГАТИВНО МИСЛЕЊЕ издадено од страна на општина Гевгелија, Министерството за животна средина и просторно планирање го одби Барањето за дозвола на инвеститорот.
Во оваа прилика изразуваме почит кон еколошката свест на сите поединци и здруженија на граѓани, но исто така апелираме во иднина пред да се шират ваквите информации на социјалните мрежи сите заинтересирани да се обратат најпрвин до општината, како би се спречило ширењето на лажни вести и паника меѓу граѓаните особено затоа што сите постапки поврзани со прашањата од областа на животната средина се водат на транспарентен начин со цел исполнување на визијата за европска, модерна и зелена Гевгелија.