Ревитализација на патот Стојаково-Богородица
Градоначалниците на општините Гевгелија и Богданци,
Сашо Поцков и Блаже Шапов, со раководителката на Југоисточниот плански регион, Жулиета Ѓуркова, во Гевгелија ставија потпис на договорот за ревитализација на локалниот пат Богородица-Стојаково и негово поврзување со регионалниот пат Гевгелија-Богданци кај бензинската пумпа „Шимов“ лоцирана на крстосницата со Ѓавото.
Проектот за ревитализација на споменатиов пат во должина од 4,5 километри, предвидува поставување на нов слој асфалт со што ќе се овозможи подобрување на сообраќајната комуникација меѓу Богородица и Стојаково. Пред се, за 830 домакинства со околу 3.000 жители, кои живеат во овие населени места. Со реализација на овој проект ќе се обезбедат услови за побезбеден транспорт на патници и стока, изјавија градоначалниците на двете општини. Инаку, проектот е дел од одобрената апликација на Советот на Југоисточниот плански регион за подобрување на патната инфраструктура во регионот.
Неговата вкупна вредност изнесува нешто повеќе од 13 милиони денари од кои 11 милиони се обезбедени од Програмата за финансиска подршка на руралниот развој. Додека преостанатите средства треба да ги обезбедат самите општини. Така, 1,2 милиони денари треба да обезбеди општина Богданци како прв партнер, а со околу 760.000 денари ќе учествува општина Гевгелија како втор партнер во проектот. Имплементацијата на проектот со кој се очекува целосно комплетирање на овој патен правец,треба да почне наскоро.