Ќе се гради атмосферска канализација на улица Индустриска во Гевгелија
Наскоро ќе започне изградбата на атмосферска канализација на
улицата Индустриска во Гевгелија, каде што се лоцирани најголемите стопански капацитети. Издвојувањето на атмосферската од фекалната канализација на оваа улица ќе се изгради на целата нејзина должина од 320 метри. Имено, со години по ред поради непостоење на атмосферска канализација, при пообилни врнежи од дожд, доаѓаше до поплавување на дворните површини, па и на самите објекти на производните капацитети на „Ноел“, “Конти Хидропласт“, “7 Ноември“ и други стопански капацитети кои се лоцирани токму на оваа улица.
Изградбата на атмосферската канализација ќе чини 3.600.000 денари, кои средства веќе се обезбедени. Имено, 1.753.000 денари се грант од Светска банка за успешно реализираниот проект за изградба на новите училници во СОУ„Јосиф Јосифовски“. Додека преостанатите 1.847.000 денари се обезбедени од буџетот на општина Гевгелија.
-Наша приоритетна цел е, кога станува збор за подобрување на инфраструктурата во општината, да се раздвои атмосферската канализација од фекалната канализација, секаде каде што за тоа постојат услови, се разбира и да се изгради и нова атмосферска канализација. Така, над 1 милион евра од доделениот германски грант преку KFW банката ќе биде наменет за реализација на проектот „Заштита на градот Гевгелија од атмосферски води“. Со овој проект се предвидува сепарација на досегашниот постоечки мешовит канализационен систем и изградба на нова атмосферска канализациона мрежа со која ке биде опфатен поголемиот дел од урбаното подрачје на град Гевгелија. Но, покрај ова настојуваме да излеземе и во пресрет на барањата и потребите на стопанските субјекти, каков што е случајот со улица Индустриска, на влезот од Гевгелија, каде што гравитираат десеттина стопански капацитети. Долги години тие имаа проблеми поради непостоењето на атмосферска канализација на оваа значајна сообраќајница, поради што и овој проект го ставивме меѓу приоритетните, вели градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков.
Тендерот за изградба на атмосферска канализација на улица Индустриска ќе биде распишан деновиве, а повикот ќе трае 28 дена. По изборот на најповолниот изведувач ќе започне и изградбата на атмосферската канализација.