Златна награда „Глобаллокал“ за Општина Гевгелија како најдобра локална заедница
Општина Гевгелија е добитник на Златната награда
„Глобаллокал“ во Средна и Југоисточна Европа во категоријата на најдобри локални заедници во 2019 година во Република Северна Македонија. Ова високо признание го доделува Меѓународниот економски форум „Перспективи“ од Дубровник и „Промо Глобал“ од Загреб, Република Хрватска врз основа на одлуката на Меѓународниот комитет за доделување на интернационалните награди и признанија за заедници и установи кои креираат добар амбиент за развој на бизнисот и претприемништвото во Средна и Југоисточна Европа. Наградата „Глобаллокал“ за најдобри локални заедници во Република Северна Македонија синоќа му беше врачена на градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков на свеченоста одржана во хотел „Мериот“ во Скопје.
-Ова е навистина големо признание од овие репрезентативни меѓународни институции, бидејќи претставува најдобра потврда дека во општина Гевгелија веќе се обезбедени основните еколошки предуслови за одржлив економски развој. Настојуваме да го подобриме амбиентот и бизнис климата со цел да привлечеме што повеќе инвеститори. На добар пат сме да ги почувствуваме првите бенефити, особено ако се има предвид дека неколку странски инвеститори веќе ги започнаа подготовките за реализација на своите проекти,изјави градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков по добиеното признание.
Во изминатите две години асфалтот беше обновен на уште 15 улици во Гевгелија и во другите населени места, со вкупна површина од 17.500 метри квадратни. Беа изградени нови улици со вкупна површина од 7000 метри квадратни, а во повеќе населени места беа бетонирани 13.300 метри квадратни улици и краци.За реализација на овие активности од општинскиот буџет беа издвоени скоро 17 милиони денари, односно околу 270.000 евра.
Покрај ова, целосно е реконструиран регионалниот пат Гевгелија-Негорци, изграден е алтернативниот пат Смоквица-Прдејци, а започнаа изведбените работи на патот Гевгелија-Богданци-Фурка. Во моментот во тек се работите за доизградба на дел од патот Негорци-Серменин и за изградба на патот од Давидово во манастирот Св.Илија.