Богата седмоноемвриска културна програма
Општина Гевгелија ја објави програмата за одбележување
на Денот на ослободувањето на Гевгелија – 7 Ноември, која содржи повеќе културни настани и манифестации што ќе се одржат во пресрет на празникот. Неколку дена во Гевгелија ќе бидат одржани концерти, ликовни изложби, а предвидено е и гостување на Македонскиот народен театар
Покрај традиционалните манифестации – „Фолклорен ѓердан“ на кој настапуваат културно-уметнички ансамбли и фолклорни групи од земјата и странство и Годишната изложба на ДЛУГ, во Програмата за одбележување на 7 ноември се предвидени и други настани. Така, на 5 ноември 2019 година во Ликовната галерија „Амам“ ќе биде отворена самостојна изложба на Мирјана Массетти Крстева, а веднаш потоа во Народниот театар во Гевгелија ќе се одржи концерт на Градскиот камерен оркетар од Велес. На 6 ноември во Народниот театар во Гевгелија ќе гостува Македонскиот народен театар со театарската претстава „Кец на десетка“.
На Денот на ослободувањето – 7 ноември ќе биде одржана Свечена седница на Советот на општина Гевгелија на која ќе бидат доделени општинските признанија – наградата 7 Ноември. Највисокото општинско признание за животно дело му е доделено на Александар Т. Попов, постхумно, Златни плакети на професорите Љубица и Ѓорге Улишеви и на ЗГ„ТЕРА“, а сребрени плакети им се доделени на ансамблот „Бојмија“ и на КУД„Танец“, како и на театарската група „Дон Кихот“.