Стратешки цели остварени - Отчет на градоначалникот Сашо Поцков за двегодишниот мандат
Градоначалникот на општина Гевгелија
Сашо Поцков денес даде отчет пред јавноста за изминатиот двегодишен градоначалнички мандат. Притоа, тој ги информираше новинарите за стратешките цели и реализираните проекти и активности, нагласувајќи дека зацртаните цели во изминатите две години се остварени. Тој во своето обраќање пред јавноста истакна:
Почитувани граѓани,
Пред две години избравме Гевгелија да биде модерен, европски и зелен град.
Веднаш по добивањето на довербата од граѓаните започнавме да ја спроведуваме оваа наша заедничка визија во реалноста.
Кога стапив на градоначалничката функција, на 25 октомври 2017 година, како стратешки цели во првата половина од мојот мандат како градоначалник беа утврдени капиталните инвестиции во патната и комуналната инфраструктура, подобрување на квалитетот на живот, оддржлив економски и еколошки развој, финансиската консолидација на општината и кадровско екипирање...
Реализираните проекти и активности јасно потврдуваат дека ваквите цели се остварени.
Во изминатите две години беа изградени и обновени 20-ина улици во Гевгелија и во населените места со вкупна површина од 35.000 метри квадратни.
За изградба и обнова на локалната патна мрежа од општинскиот буџет беа издвоени 37 милиони денари или околу 600.000 евра.
Поточно, изградени се нови улици со вкупна површина од 6.700 метри квадратни и вкупна вредност од 13 милиони денари
Извршена е реконструкција, односно обнова на асфалтот на 16.800 метри квадратни улична површина во вредност од 10 милиони денари.
Бетонирани се 11.700 метри квадратни улици и краци во вкупна вредност од 8.770.000 денари.
И тоа, не само во Гевгелија, туку и во сите 12 населени места.
Со средства од Јавното претпријатие за државни патишта на Република Северна Македонија, во висина од 180 милиони денари, извршена е целосна реконструкција на регионалните патни правци Миравци-Давидово и Прдејци-Смоквица, како и на патот Гевгелија-Негорци, во должина од 6,5 километри.
Изграден е алтернативниот пат Смоквица-Прдејци, а започнаа изведбените работи на патот Гевгелија-Богданци-Фурка.
Со финансиска поддршка од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и сопствено учество, во завршна фаза е изградбата на последната делница од патот Негорци-Серменин, во вредност од 8.700.000 денари, и патот од Давидово до манастирот Свети Илија, во вредност од 9.500.000 денари.
Додека пак со грант од Меѓународната организација за мигранти се гради патот до Времената депонија кај Ново Конско.
Меѓутоа, многу поголем предизвик за мене беше дореализацијата на веќе започнатите капитални проекти, бидејќи не беше доволно само да се гледа нивното финиширање, туку да се изменаџира нивната конечна реализација. Особено, ако се има предвид потребата од обезбедување на дополнителни средства и измени на проектната документација.
Важно е дека Гевгелија доби Пречистителна станица, нов Водоснабдителен систем и Времена депонија.
Бидејќи со тоа е обезбеден оддржлив еколошки развој на општината, што е поредуслов и за одржливиот локален економски развој.
Паралелно со ваквите капитални зафати, беа реализирани и неколку помали инвестициони зафати за подобрување на комуналната инфраструктура, за што од општинскиот буџет беа издвоени 997.000 денари.
Во тек е изградбата на пречистителната станица во Моин.
Стартува изградбата на водоводната мрежа во станбената населба Караорман, по што ќе уследи и изградба на канализациона мрежа, како и новата атмосферска канализација на улицата Индустриска во Гевгелија.
За реализација на овие проекти Светската банка ни одобри грант за успешно менаџирање и финансирање на капиталните проекти за водоснабдување и нови училници.
Во рамките на проектот „AQUA M2 со финансиска поддршка од ИПА Програмата за прекугранична соработка се уредува дел од коритото на Сува река, додека ЈПКД„Комуналец“ се опремува со најсовремена лабораторија за мерење на квалитетот на водата во реката Вардар.
По скоро пет децении почна изградбата на Браната Конско, најголемиот инвестициски зафат во земјоделството во регионот, од која ќе се наводнуваат 8.000 ха обработливи земјоделски површини.
Новата учебна година учениците во СОУ Јосиф Јосифовски ја започнаа во новоизградените 21 нова училница, а наставата ја следат во една смена.
Во сите општински основни училишта подобрени се условите за настава.
И тоа, не само во централните, туку и во подрачните училишта во населените места Милетково и Кованец.
Во централната детска градинка во Гевгелија и во детската градинка во Негорци извршена е целосната замена на столаријата, за што детската градинка издвои 7,3 милиони денари сопствени средства.
Исто така, во централната градинка, како и во градинките Сончогледи и Цветови комплетно се реновирани тоалетите, а во сите детски градинки извршено е опремување и климатизирање на сите простории.
Исто така, извршена е реконструкција на Дневниот центар за деца со посебни потреби.
Културниот живот значително е збогатен со нови манифестации и настани од областа на музичката, театарската, филмската, ликовната и алтернативната уметност и книжевност, кои се случуваа во и надвор од Народниот театар, но, не само во Гевгелија, туку и во населените места.
Значаен поттик за тоа имаше Програмата за финансиска поддршка на културните проекти и манифестациии на општина Гевгелија, со која финансиски беа подржани стотина културни манифестации, проекти и настани.
Додека пак со инфраструктурни зафати се настојуваше да се подобрат условите за работа во културно-образовните установи, како што е случајот во моментот, со реконструкцијата на покривот на музичкото училиште„Васо Карајанов“.
Гевгелија со право стана град на кошарката, најстариот фудбалски клуб „Кожуф“ се консолидира и се врати во трката за престижното друштво на македонскиот фудбал, ракометот, исто така, бележи резултати, а на општо задоволство масовниот спорт навистина станува се помасовен.
Паралелно, со спортските активности, беше извршено опремување на Градскиот стадион во Гевгелија и уредување на нови детски игралишта.
Во центарот на Гевгелија обновено е и уредено детското катче, со нова урбана опрема ќе биде освежен и Градскиот парк кај железничка станица, а детски игралишта се уредуваат во повеќе населени места.
Гевгелија доби ново излетиште – Динќут, а урбаната слика на Гевгелија ја збогатија новиот дрворед на продолжението од Западниот булевар, но и новата урбана опрема.
Набавени се 180 контејнери за комунален отпад од кои 55 метални и 125 пластични.
Набавени се и поставени 143 нови улични корпи за отпад.
А, нови зелени површини се уредени во Гевгелија и во Миравци.
За успешноста и ефикасноста на ТППЕ-Гевгелија од посебно значење е опременоста на пожарникарите и обновувањето на возниот парк.
Набавени се теренско возило, медицинско возило, опрема за врски, нови противпожарни црева, додека пак за пожарникарите е набавена нова опрема.
Општина Гевгелија е најотворена локална власт во Република Македонија, ова го покажа истражувањето на фондацијата Метаморфозис, за нивото на транспарентност, отвореност и отчетноста на локалната власт во регионот.
Општина Гевгелија е финансиски консолидирана со остварени приходи во основниот буџет од 53 % во првото полугодие од годината, додека во изминатите девет месеци остварени се 66 % од основниот буџет, што досега не се случило, а доволно зборува за домаќинското и транспарентно работење на општината.
Се наоѓаме пред големи предизвици – во наредниот период не очекува реализација на неколку капитални проекти, со веќе затворена финансиска конструкција:
Договорена е агендата и изработени се проектите за реализација на германскиот грант од 2,5 милиони евра за изградба на атмосферска канализација во јужниот дел на Гевгелија, поврзување на Негорци и Прдејци со новиот водоснабдителен систем, како и реконструкција на водоводната линија за Богородица и за граничниот премин.
Промовиран е и новиот проект „Урбан градски сквер“ за уредување на стариот пазар во нов парк, со што Гевгелија наскоро ќе добие нов урбан сквер.
Догодина започнува обновата на патната инфраструктура со доделениот грант од 900.000 евра од Министерството за транспорт и врски, кои ќе бидат наменети за доизградба на последната делница од патот за Ума, за изградба на улицата во Милци, како и улицата од влезот до центарот на Мрзенци.
Гевгелија е вклучена во проектот за гасификација и приклучување кон јужниот – грчки крак, кој до пролет идната година треба да биде подготвен за реализација, а паралелно работиме и за реализација на секундарната мрежа.
Значи, Гевгелија е на добар пат за приклучување кон европските текови.
Што е уште позначајно во Гевгелија веќе е создаден поволен амбиент за бизнис.
Тоа го констатираа Меѓународниот економски форум „Перспективи“ од Дубровник и „Промо Глобал“ од Загреб, Република Хрватска, доделувајќи и на општина Гевгелија Златна награда „Глобал-локал“ во категоријата на локални заедници, кои креираат добар амбиент за развој на бизнисот и претприемништвото во Средна и ЈугоисточнаЕвропа.
По еколошки и инфраструктурно обезбедените предуслови, наша цел е во наредниот период заинтересираните инвеститори да ги реализираат веќе најавените проекти.