Положено цвеќе на спомен обележјата
По повод Денот на ослободувањето на Гевгелија – 7 ноември
беа посетени сите спомен обележја во Гевгелија и беше положено цвеќе. Членовите на општинското здружение на Сојузот на борците од НОВ, претставниците на општина Гевгелија, политичките партија и здруженија, како и бројни гости положија цвеќе на бистите на народни херои од овој крај, на спомен обележјето на Сава Михајлов, на бистите на првоборците од овој крај и на Спомен костурницата во Гевгелија.
На Спомен костурницата цвеќе положија и делегациите на збратимените општини Јабланица, Инџија, Пазин и Гвозд. На присутните гости овде им се обрати претседателот на Општинското здружение на СЗБ Ристо Марковски, потсетувајќи дека на 6 ноември 1944 борците на Вториот гевгелиски партизански одред, во параден строј, влегоа во Гевгелија, минувајќи низ главната улица. Граѓаните на Гевгелија воодушевено ги поздравија и ги дочекаа борците, радувајќи и се на слободата.
На 7 ноември, во големата сала на Соколаната, се насобра многу народ за да го прослави Денот на ослободувањето на Гевгелија. На прославата беше донесена одлука – 7 ноември да биде прогласен за Ден на ослободувањето на Гевгелија. За слободата на Гевгелија, беа положени 74 животи, во борбата со фашистичкиот окупатор, од кои 13 потекнуваа од самиот град Гевгелија, рече Марковски.