Да ги надминеме бариерите - порачаа лицата со попреченост од Гевгелија
Членовите на Здружението на
глуви и наглуви, Здружението на слепи, Здружението на лица со телесен инвалидитет-Мобилност, Здружението на лица со интелектуална попреченост-Порака, Здружението за пулмонална хипертензија „Момент Плус“, Центарот Мајка Тереза и Здружението на граѓани Changemakers4All, по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, организираа повеќе настани. Најнапред продефилираа низ центарот на Гевгелија, за да ја подигнат јавната свест дека лицата со посебни потреби постојат, не треба да бидат игнорирани туку да бидат вклучени во заедницата како еднакви и рамноправни членови во неа.
Дефилето заврши во Народниот театар во Гевгелија каде пред граѓаните се обратија претседателите на сите здруженија. Тие побараа од државата и, пред се од локалната самоуправа, подобрување на условите за живеење, вработување на работоспособните членови на овие здруженија без никаква дискриминација, овозможување безбедно движење по улиците и тротоарите, полесен пристап до институциите со мобилни платформи, да нема отворени шахти, да нема обраснати со трева тротоари и улици, и да нема непрописно паркирани автомобили за непречено движење на слепите лица.
„Иако сме лица со попреченост, иднината на човештвото е во рацете на сите луѓе, ја имаме моќта да создадеме среќа, ја имаме моќта овој живот да ни биде слободен и убав, свет во кој на младината ќе се даде иднина, и свет кој ќе ни даде безбедна старост. Ние не бараме посебни права и не бараме привилегии. Бараме само да ни се овозможат сите оние компензациони права кои се цивилизациска придобивка на модерниот свет, прокламирани со многубројни документи, а пред се со Конвенцијата за права на лица со попреченост на ОН, ратификувана и потпишана и во нашата земја. И ние постоиме. И ние сме овде.И нас не грее исто сонце“, порачаа порака на членовите на Заедницата на инвалидските организации од Гевгелија,
На лицата со попреченост им се обрати и градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, кој рече дека општината и досега излегувала во пресрет на барањата на лицата со хендикеп, а тоа ќе го прави и во иднина. „Иако сме носители на одредени функции, ние, рече Поцков сме сепак луѓе, до нас допираат вашите барања и ќе направиме се бизнис секторот да покаже поголема општествена одговорност и да одвојува дел од својот профит како поддршка на вашите барања“.
Одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, членовите на гевгелиските здруженија го завршија со пригодна културно уметничка програма.