Традицијата продолжува: „Ѓура Мара 2023“
И годинава,
на третиот ден од Велигден, КУД „Танец“ од Миравци по зајдисонцето го автентичното оро „Ѓура Мара“ на платото пред Домот на културата во Миравци. Со одржувањето на традиционалната културно-уметничка манифестација, КУД „Танец“- Миравци, кој е долгогодишен организатор на настанот со историско значење, повторно го возобнови минатото на нивните предци преку изведбата на орото, пренесувајќи им ја вековната традиција на нивните поколенија. Потсетувајќи ги жителите на Миравци, како и многубројните гости, на легендата за грабнувањето на убавата мома Мара од турските војници и нејзиното ослободување од страна на братот Ѓуро.
Покрај изведбата на автентичното оро, членовите на КУД „Танец“ од Миравци се претставија и со други кореографии од ризницата на богатиот македонски фолклор. Годинашни гости на „Ѓура Мара“ беа Друштвото за изворен фолклор „Копривнички Иванец“ од Копривница, Република Хрватска, како и делегација на КУД „Паја Зариќ“ од Инџија, Република Србија.
Меѓу многуте присутни, настанот го проследи и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој на својата Фејбсук-страница упати честитки до организаторот, истакнувајќи дека Општина Гевгелија секогаш ќе ги поддржува ваквите настани, бидејќи на овие настани низ призма на макеоднски игри и ора ја негуваме нашата македонска традиција, го означуваме нашето постоење и градиме иднина за идните генерации.