Инспирирани од колективното богатство, Драмската секција за деца со „Трба, трби гевгелиско“
Работата
на Драмската секција за деца при ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, под менторство на Катица Џишева Дупарова, не познава граници. Овој пат, во рамки на „Гевгелиско културно лето“, инспирирани од колективното богатство на Македонците, дечињата се претставија со рецитали и музички изведби на народни песни, чии настапи беа збогатени со секвенци од адаптирани фолклорни кореографии и презентација на македонската народна носија. На гевгелиската публика им причинија огромно задоволство со поетско-музичката манифестација „Трба, трби гевгелиско“, интерпретирајќи цели стихови од 13 народни песни со патриотска, револуционерна, родољубива, социјална и рефлексивна тематика, меѓу кои и гевгелиската народна химна „Трба, трби гевгелиско“.
За успешната подготовка на овој поетско-музички настан, Драмската секција упати благодарност до: наставниците Влатко Сапламаев и Александар Лазаров и директорката на ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија, Сузана Стефанова; наставник Крсте Делев и директор Ружица Икономова од ООУ „Владо Кантарџиев“; етнокореолог Силвестер Проле за адаптација на оро; Андреј Проданов и Ансамбл „Бојмија“ за народна носија; ликовен уметник Александар Јанев за сценографија; наставник по ударни инструменти Момчило Делев и неговиот ученик Мартин Илиев.