
Покрај најмалите, и возрасните уживаа во „Ноќ во музејот“
Вчера,
во есенската приквечерина, на платото на плоштадот „Сава Михајлов“, под гевгелиското небо најмалите имаа можност да уживаат во уличниот перформанс на живи скулптури „Ноќ во музејот“. Тоа уживање на децата, а покрај нив и на возрасните, им го приреди Домот на културата „Македонија“- Гевгелија во пресрет и одбележување на Светската недела на детето, во соработка со Домот на културата „Иван Мазов- Климе“ од Кавадарци.
Дечињата имаа можност да влезат во светот на живите скулптури кои ги толкуваа ликовите од познатите сказни за деца: „Пепелашка“, „Убавицата и ѕверот“, „Волшебникот од Оз“, „Снежната кралица“, каубојот Док Холидеј… Ликовите ги оживеаја: Стојанче Вангелов, Ангел Милков, Смиља Бошкова, Сашко Орешков и Валерија Пашова, а режисерката Микица Илова беше лошата вештерка. Актерите Диме Боцев и Диме Коцевски ги толкуваа момчињата Тошко и Пеце, кои по грешка, наместо во лунапаркот, залутале во Музејот на живи скулптури и заедно со публиката преку низа комични ситуации ги откриваа ликовите од познатите сказни за деца.
Домот на културата изрази благодарност до директорката Јулијана Туриманџова, целата екипа и режисерот Микица Илова за нивното гостување, со надеж дека ќе продолжат со понатамошна соработка.