
Крстева Массетти: „Дрен е восклик за мене како автор“
Истакнатата
гевгелиска, ликовна уметница, Мирјана Крстева Массетти, учествуваше на 13 Традиционална ликовна колонија „Дрен“. Заедно со уште 11 уметници од земјава и странство својата инспирација ја пренесоа на сликарските платна, а неколку од нив ја преточија во скулптура. И тоа на отворено, во дворот на ЦК „Марко Цепенков“- Прилеп, имено и организатор на ликовната колонија.
- После цела една година, кога општеството беше во една фатална инерција која не’ понесе сите, а самата јас бев заклучена во себесознание и во милион прашања кои немаат одговор, оваа колонија беше восклик за тоа дека постојам како автор. Чест и задоволство е да се биде дел од еден таков настан, да се твори под отвореното небо на Прилеп, директно црпејќи инспирација од пејзажите и убавините на градот. Тоа е неминливо и неменливо, затоа што ликовната уметност е поврзана со спознајното, нешто што останува завек, а не’ поврзува нас луѓето со природата, истакна Массетти по повод нејзиното учество на ликовната колонија „Дрен“.
Делата на Мирослав Живковиќ и Снежана Малетин од Србија и домашните ликовни уметници: Мирјана Крстева Масети, Александра Петкова Џианели, Буба М. Солак, Драган Најденовски, Новица Трајковски, Владимир Темков, Тони Чатлески и Стефан Малбашиќ, како и на скулпторите Слободан Милошески и Марјан Стојаноски, создадени на годинашната колонија ќе бидат претставени на изложба која ќе се одржи наесен. Досега, на ликовната колонија се создадени околу 350 дела, кои се во трајно наследство на Центарот за култура и на државата.