„Консонанс“ со класична музика ги прошета гевгеличани по различни континенти
Гевгелиските љубители
на класична музика беа прошетани по различни континенти од страна на дувачкиот квинтет „Консонанс“ кои го одржаа својот концерт во Гевгелија, изведувајќи камерна музика од различни композитори. Како што истакна Маја Чанаќевиќ (англиски рог), член на „Консонанс“, репертоарот за концертот е составен од различен тип музика, компонирана од автори од различни делови на Земјината топка, со цел публиката да ја чуе, но и доживее шареноликоста на класичната музика.
На програмата беше изведена камерна музика за дувачки инструменти, а беа застапени композиторите: Хајдн, Фаркаш, Бранѓолица, Гершвин и Клезмер. Петте виртуозни музичари од составот на „Консонанс“: Елена Дојчинова (флејта), Маја Чанаќевиќ (англиски рог), Здравко Ангелов (кларинет), Игор Бакревски (кларинет) и Сашко Темелковски (бас кларинет) со својот концерт им приредија прекрасна вечер на присутните гевгеличани, благодарение на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, за што добија заслужен и долготраен аплауз.