Се одржа првиот „Гевгелиски Велотлон 2023“
Гевгелија има
бројни спортски настани, кои го брендираат градот во земјата и регионот, а по се, изгледа, ќе биде и град на велосипедизмот. Тоа го потврди првиот „Гевгелиски Велотлон 2023“ што се одржа вчера, 7 мај 2023 година, на патеката во месноста Курија, крај Негорски Бањи. На „офф роуд“ специјално изградената патека, во должина од 4.750 метри, настапија 42 натпреварувачи од: Гевгелија, Богданци, Штип, Скопје, Битола, Куманово, Македонски Брод, Кавадарци, Струга, Радовиш, Велес, Струмица, Кратово и Неготино. Пред голем број гледачи, учесниците на „Гевгелиски велотолон“ се натпреваруваа во возење на велосипед, совладување препреки и трчање по ридска патека. Организатор на оваа интересна трка беше АМД „Дичо Панов“ од Гевгелија, во соработка со Општина Гевгелија и „Гевгелија Точак клуб“.
При отворањето на трката, Виктор Гавровски, секретарот на АМД „Дичо Панов“, истакна дека целта на проектот е промоција на велосипедизмот преку искористување на климатските и теренски погодности за негова поголема промоција, стекнување на здрави животни навики кај младите, зголемување на економската активност на општината преку туристичко-ориентирани услуги кон велосипедизмот и развој на Гевгелија како Friendly bike city општина. Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, прогласувајќи го натпреварот за отворен, им честиташе на организаторите, потсетувајќи дека покрај другите спортски настани кои се организираат преку целата година во општината, „Гевгелиски Велотлон“ ќе придонесе за збогатување на спортско-рекреативниот живот на Општината. Но, исто така, и за збогатување на туристичката понуда на Општина Гевгелија, со тенденција Велотлонот во иднина да прерасне во традиција, и да се одржува повеќе денови.
На првиот „Гевгелиски велотлон“, првото место го освои Даниел Анчев, второто Мите Досков, а третото место го освои Влатко Семенаков. На трите најуспешни велосипедисти, од страна на организаторот им беа врачени парични награди во висина од 15.000, 10.000 и 5.000 денари.
Имено, велосипедската патека, која инаку е дел од проектот „Гевгелија Велоград“, во иднина ќе може да ја користат сите граѓани, не само за возење велосипед, туку и за пешачење, трчање, како и за рекреирање со совладување на препреки. Проектот „Гевгелија Вело град“ се спроведува во рамки на Програмата за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2 на УНДП, во партнерство со Општина Гевгелија, која е финансирана од Европската Унија. Покрај донираните средства, во реализацијата на проектите учествува и Општина Гевгелија со финансиска поддршка. Во изминатите девет месеци, АМД „Дичо Панов“, во рамките на проектот работеше на негова промоција преку изработка на видео-спот, мултимедијално анимирано видео, збирка на добри практики за велосипедизам од повеќе европски држави, а беа одржани и работилници во основните и средното општинско училиште и работилници со јавната администрација и туристичките работници. Во прв ред, за промовирање на велосипедизмот, со посебен акцент на младата популација, воспоставување на соработка со образовните институции за промоција и безбедно користење на велосипедите, како и соработка со институциите и локалните туристички работници за потенцијалите за развој.