Претставата и филмот „Простор за разговор“ со тематика за родовата еднаквост- пример за уметнички активизам
Љубителите
на танцовата уметност, во Народниот театар- Гевгелија, имаа можност да го проследат танцовиот перформанс на Скопје танцов театар и филмот „Простор за разговор“ со тематика за семејното насилство и родово базираното насилство. Проектот на Интерарт културниот центар, со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје и во партернство со Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип и Националната мрежа против семејно насилство во рамки на националната турнеја се реализираше и во Гевгелија како дел од соработката со ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија.
Настанот беше отворен од директорката на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, м-р по уметности, Мирјана Крстева Массетти и Рисима Рисимкин, уметнички автор на проектот.
- Акт на уметност се најчесто нештата за кои на јаве не се зборува. Модусот на осуштествување на делото е енигматична игра. Уметноста, трагајќи по вистината, барајќи одговори на се уште непоставени прашања- преку интуитивна експресивност создава апартен свет, свет од другата страна на огледалото. „Простор за разговор“ на Рисимкин е дело кое смело визуелизира стварност која фонично одекнува во сегашноста. „Правдата се случува само меѓу еднаквите“- „Вита Бревис: писмо на Флорија Емилија до Аврелиј Августин“
- Дали консеквенците од создадената когнитивна дисонанца се резултат на насилство? Дали тишината, не сопствената, онаа наметнатата е насилство? Љубовта како највисока форма на слобода е одговорот на сите прашања во Универзумот... Таа е сакросанкт... Овој сензационален перформанс нека биде апел до сите нас да се сакаме себе си повеќе и да ги сакаме другите малку повеќе, истакна Массетти.
На покана од Рисимкин и Массетти, обраќање имаше и Петар Јанчев, претставник од Општина Гевгелија, како член на интерсекторската група за родова еднаквост.
- Сите сме општествено-одговорни, согласно законските норми, од поединец до институција- кога станува збор за секаков вид насилство и негово препознавање, третирање и спречување. Мене ми е посебно драго, што денеска ја гледаме креативната страна на уметноста, но како медиум за подигање на свеста на граѓаните- дека сите сме подеднакво важни и дека не треба да сме објект на ограничување на нашето право и слобода. Како претставник од Општина Гевгелија, уште повеќе ми е драго што преку соработката со Интерарт културен центар- нивниот активистички проект: „Простор за разговор“, кој е современ спој на уметничкиот и социјалниот аспект, да се реализира и во Гевгелија, Домот на културата „Македонија“, како институција го унапредува родово-одговорното работење на повисоко ниво, истакна Јанчев.
Рисимкин во своето обраќање, освен претставувањето на одговорниот тим за проектот, истакна:
- Претставата и филмот се создадени како сценска рефлексија на истражувањето за односот на општеството кон темата на родова еднаквост и семејно насилство врз основа на сведоштвата на жртви на родовата (не)еднаквост и семејното насилство. Најважно од се е да се сврти вниманието на јавноста кон овој горлив проблем и да се подигне свеста за уметничкиот активизам како тој може да допринесе и да изврши притисок во општеството за изнаоѓање соодветни решенија, помагајќи им на засегнатите.
Пренесувајќи апел, со оглед на скорашните случувања на Балканот, дека најважно од се е да допреме до младите во секој град дека уште од мали нозе треба да се учат за толеранција, прифаќање на различностите итн. и да разговараат за вистинските вредности.