10. јубилејно издание на „Метрички карван“
Излезе од печат
10. издание на годишниот избор поезија „Метрички карван“ во издание на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ од Гевгелија. Промоцијата на јубилејното 10. издание во Кочани ќе биде одржана во соработка со ЈОУ Библиотека „Искра“ - Кочани на 13 јули во Мултикултурниот центар во Кочани, во рамки на празнувањето на Петровден, празникот на градот Кочани. Во збирката се застапени необјавени стихови од гевгелиските и кочанските поети: Васил Тоциновски, Јосип Коцев, Пепи Стамков, Стефчо Стефанов, Катерина Гогова, Жаклина Атанасова, Јадранка Клисарова, Димитар Арнаудов, Лилјана Пецова - Илиеска, Моника Игевска Ризова, Олгица Ќурчиева (Гевгелија), Доне Донев, Жаклина Михајлова, Љубинка Донева, Аника Илијевска-Ѓорѓиева, Ленче Стоименова, Љубинка Давидовска, Соња Драгољуб Гиздавиќ, Марина Гоцевска, Билјана Ѓорѓиева Гаврилова, Ставре Јанев и Андреј Јанков (Кочани).
Уредници на 10. издание на „Метрички карван“ се директорот на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ - Гевгелија, Стефан Марковски, Васил Тоциновски и Славчо Ковилоски. Рецензентот на изданието, Ана Витанова Рингачева, за збирката пишува дека таа е идеја која сама по себе е плодотворна и оригинална. „Изданијата на овој карван на поезијата претставуваат своевидна географска карта за современата македонска поезија на која, свои маркери имаат македонските поети кои творат денес. Во збирката се застапени автори со потекло од Гевгелија, градот во кој е извориштето на идејата за поврзување на македонските поети кои, иако творат во различни средини, сепак имаат иста љубов, поезијата, пишува Витанова Рингачева. Според неа, едно вакво издание на поети од два града како две поетски жаришта има тенденција да ја оствари суштинската идеја за постоењето на поезијата, да биде мост за поврзување на само навидум оддалечените места.
- Гевгелија, најјужната точка на Македонија, станува точката на фокус во која се прекршуваат Метрички карван зраците од поезијата на поетите од останатите градови. Она што се забележува во претходните, а секако и во ова издание на „Метрички карван“ се локалните призвуци, мириси и бои на местото од каде потекнуваат поетите. Тоа само ја потврдува вистината дека, невозможно е човекот да го отсели родното место од себе, да го напушти или заборави, нагласува Витанова Рингачева.