КК „Кожув“ високо рангиран
КК „Кожув“ успешно стартуваше во натпреварувачката сезона
од Првата лига во 2020 година. Со четирите победи и еден пораз со право се вбројува меѓу водечките прволигашки екипи. Статистичките податоци по последното одиграно 17 коло, а на само уште едно коло од првата сезона, тоа недвосмислено го потврдуваат. Во овој момент, екипата на „Работнички“ реализирала најмногу поени, во просек по 86.41, додека на второ место е КК „Кожув“ со 84.47 во просек реализирани поени, а трета е екипата на „Гостивар“ со 84.06 поени.
Екипата од Гевгелија може да се пофали дека има најголем просек во делот наречен асистенции. КК „Кожув“ е на просечни 19.41 додавања по меч, зад нив е скорот на „Куманово“ – 19.06, и оној на „Работнички“ кој има 18.29 асистенции по натпревар. Процентуално, „Работнички“ е екипата која има највисок процент на реализирани удари за три поени 37.81%, пред „Пелистер“ со 36.89%, и „МЗТ Скопје“ кој е на 35.71%. Најдобра екипа во шутот за два поени во изминатите 17 кола е онаа од „Гостивар“, со процент на успешност од 61.77%, а потоа следуваат „Работнички“ со 59.54% и „Кожув“ со 58.59%.
Од линијата за слободни фрлања најдобро поентираат кошаркарите на Академија ФМП, а тоа го прават со 78.38%, што е нешто подобро во однос на ефектот на кошаркарите на Кожув кои во слободните фрлања поентираат со 76.71%. „Кожув“ е екипата која има најмногу освоени топки, по 9.76 на еден натпревар, а „Пелистер“ пак со најмногу загубени, во просек по 18.53 на меч.