Министерката за култура ја поддржа изградбата на Археолошки музеј во Гевгелија
Изградбата
на Археолошкиот музеј во Гевгелија еод приоритетно значење, како поради богатото археолошко наследство во овој крај, така и за негова афирмација, имајќи предвид дека крај Гевгелија минуваат голем број наши и странски државјани, изјави министерката за култура Ирена Стефоска, при денешната посета на Гевгелија и средба со градоначалникот на oпштина Гевгелија, Сашо Поцков. Притоа, таа соработката на Општина Гевгелија со Министерството за култура ја оцени како одлична, изразувајќи задоволство од културните настани кои се организирани во услови на пандемија. Посебно, грижата за инфраструктурно санирање на постојните објекти, со финансиска поддршка од општината.
- Годинава, обезбедивме средства за финансиска поддршка и заштита на културното наследство бидејќи тоа е клучно за идентитетот на една земја. Во таа насока, ќе предложам до Владата на РСМ иницијативата за изградба на археолошки парк во Гевгелија да влезе во годинашната Програма на капитални инвестиции, што е предуслов за отпочнување на изработката на проектната документација. Се со цел до крајот на годината да бидат завршени сите подготовки и во текот на наредната година да отпочне реализацијата на овој значаен проект, бидејќи Гевгелија заслужува да има еден репрезентивен археолошки локалитет. Годинава, приоритет ни е и поддршката на културното живеење, пред се, преку веќе донесената програма, но како потреба се наметнува и санацијата на културната инфраструктура, бидејќи скоро сите домови на културата, музеи и други културни установи се во лоша состојба, истакна министерката Стефоска.
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, изрази благодарност за посетата, соработката и поддршката на министерката за култура, нагласувајќи дека и во услови на пандемија животот продолжува, а тоа значи дека и културното живеење, иако, во променети услови, продолжува.
- Општина Гевгелија преку посебна Програма финансиски ги поддржува културните настани и активности, во 2020 година со 5,5 милиони денари, која програма поради пандемијата не беше целосно реализирана, а годинава овие средства беа намалени на 4 милиони денари, бидејќи неизвесноста со КОВИД-19 продолжува. И во вакви услови, минатата година, беа организирани и одржани 50-тина културни настани, се разбира, согласно протоколите за заштита од Корона вирусот. Настојуваме со сопствени средства инфраструктурно да ги санираме постојните културни објекти, па така, во изминативе години за дополнителна санација на Народниот театар беа вложени над 1 милион денари. Од Министерството за култура очекуваме поддршка за решавање на проблемот со Градската библиотека, од која дел се наоѓа во закупени простории и целосно или делумно реализација на проектот за Мултифункционален културен центар во Пионерскиот дом во Гевгелија, истакна градоначалникот Сашо Поцков.
Директорот на Народниот музеј во Гевгелија, Бобан Хусеновски, кој присуствуваше на средбата, истакна дека оваа национална установа располага со 11.000 археолошки артифакти што значи дека 70% од вкупното археолошко наследство во земјата потекнува од овој крај. Оттука и потребата за реализација на проектот за изградба на Археолошкиот музеј во Гевгелија, во подножјето на Вардарскиот Рид, за што досега е изработена само Проектна програма. Со реализација на овој капитален проект, сместувањето на националната музејска поставка во Амамот и преуредување на постојниот Народен музеј во Градска куќа, ќе се создадат услови за зачувување и афирмација на целокупното музејско наследство во општината, истакна Хусеновски, потенцирајќи дека од 1998 година до денес оваа национална институција не добила никакви средства за санација на Народниот музеј.
Министерката за култура, Ирена Стефоска, го посети Домот на културата кој се наоѓа во Народниот театар и најави поддршка на иницијативата за аудио-визуелно опремување на Tеатарот. На средбата, исто така, стана збор за санацијата на Споменикот на слободата на Мрзенски Рид, за кој веќе има изработено идеен проект, како и за решавање на сопственоста и санација на Меморијалниот музеј во Конско. Станува збор за споменици на културата кои ја отсликуваат антифашистичката борба и активности во овој крај, оттука и потребата од нивна заштита.